Факт за кој никој не зборува: Мажите се поголеми спозноруши од жените

Постои стара народна изрека која вели – „Парата, на пара се лепи“.

Според неа не учеа да веруваме дека богатите луѓе се држат до својот круг и не се мешаат со останатите. Тоа го увидовме дури и од приказните на Дизни. Богатиот принц секогаш зема друга богата принцеза. Но она што овие приказни потајно не учеа беше дека само на сиромашната обична девојка и е дозволено да се омажи богато за принц, додека обратно не. Постарите приказни на Дизни немаа богата принцеза која се мажи за љубов со некој кој нема скршен денар во џеб. Дури ни Јасмин не го зема Аладин бос и гладен, туку откако Духот му даде палата и го направи принц. Така да, не е воопшто изненадување што растевме со идејата дека жената е таа која се мажи за пари и нејзе тоа и е важно.

Цели генерации на девојчиња израснавме со Пепелашка која од тешкиот живот доаѓа и ја спасува маж, за кој ништо не знае освен дека е принц. Така таа преку ноќ станува принцеза и живее раскошно. Потоа ги имавме нашите стари народни приказни во кои секогаш девојката гледаа да ја омажат во џорбаџиска куќа или по наше – богата фамилија. Па не е ни чудо што растевме да веруваме дека на девојките и се важни парите. Ниту една приказна не даваше порака на малото девојче дека таа може сама да создаде пари и успех. Патријахот се вкоренуваше длабоко во нашиот мозок со пораката дека ти како девојка треба да бидеш само убава, тивка, вредна и домаќинка.

Денес со феминизмот и борбата за рамноправност сведоци сме на жени кои не чекаат на принцот да бидат спасени, туку сами го создаваат животот кој го сакаат за себе. Денес модерната жена оди на работа, печали и сеуште се грижи за домот и семејството. Но и покрај тоа, верувањето дека ни се важни парите сеуште цврсто стои. Успехот на една жена сеуште се оспорува со верување дека некој друг (маж) и има помогнато и без разлика што има свои пари, доколку се омажи богато, таа е спонзоруша. Но она за кое никој не зборува е дека денес има повеќе мажи кои трчаат по пари, отколку девојки.

Денес јас познавам повеќе девојки од мажи, кои не живееат со своите родители, кои од свои пари си купија станови, коли и кои заработуваат повеќе од мажите. Тие девојки налетуваат на мажи кои живеат на нивен грб и кога ќе ги остават истите тие мажи упорно се удираат во гради тврдејќи дека девојката ги оставила зошто била материјалистка. Не. Таа ги оставила затоа што биле машка спонзоруша и вистината е дека ги има многу.

Не е точно дека жената не може да прифати да биде со маж кој нема пари. Жената не може да прифати да биде со маж кој е мрзлив, немотивиран, без амбиции, цел и план во животот. Тоа не ја прави „спонзоруша“! Кога ја прашале познатата холивудска актерка Елизабет Тејлор зошто има само богати сопрузи таа одговара дека може да биде во брак само со вредни, интелигентни и амбициозни мажи, а таквиот маж не може да не направи пари. Пејачка Шер во 1996 на интервју ја кажува познатата реченица „Мамо јас сум богат маж“ откако мајка и ја замолила да најде богат маж со кого ќе се омажи и ќе формира семејство и со ова застанува зад борбата на угнетувањето на жената и учењето дека сами не сме способни да направиме пари, успех и напредок.

За крај за мажите кои тврдат дека сите жени се спонзоруши – во животот привлекувате жени кои сакаат да го имаат тоа што го нудите. Доколку имате да понудите само пари и ништо друго, не е ни чудо што привлекувате само такви жени.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни