Единствени правила кои не можеш да ги прекршиш без да добиеш казна се оние на природата, доколку направиш нешто кое ќе го наруши нејзиниот ред на функционирање, секогаш следи казна.
За мене медиумите се еден вид на природа, се што ќе кажеш, ако не вистина и ако е злоупотреба… секако дека ќе има казна. Одговорност за оние кои живеат во оваа природа, секако дека ќе има.
Како поминува времето медиумите се менуваат, каналите и начините на размена на информации но, тоа во никој случај не значи дека се менуваат и правилата. Во медиумите постои и треба да продолжи да постои хиерархија – Главен и одговорен уредник, Директор/Извршен директор, Редактори по сектори, Новинарски уредници, Новинари, Фоторепортери…. се ова го составува тимот на сите што известуваат. Се вика известување, затоа што постои вест која треба да се пренесе објективно, а не субјективно и затоа нели секоја вест мора да одговара на следните прашања Кој? Што? Кога? Каде? Зошто? Како?… нели секој кој што пишува, знае дека е ова основата.
Начин на кој што може некој да го искаже својот став е преку пишување на колумни, коментари, интервјуа, подкасти и слични начини на изразување. Кои секако мора да подлежат на критичко мислење и аргументирани изјави.
Меѓутоа со појавата на социјалните мрежи се отвори можност секој да може да отвори портал, од кој ќе известува. Затоа, изминатиот период наидовме на известувања, односно пренесување на вести кои не се објективни, туку делумно или целосно субјективни, со лично доживување на лицето кое го има напишано текстот. За жал се сретнавме со лица кои себе се нарекуваат политички аналитичари – себеназначени, кои повеќе сакаат да се нарекуваат аналитичари за да го избегнат неславното име на мудреци. Наидовме на нешто кое се нарекува себевелчење, односно по објава, сам себе да си доделиш признание колку си обожуван… па, каде ли има попристојно од тоа сам себе да се пофалиш колку си добар и колку твоето мислење е истенчено во однос на другите, притоа навртувајќи дискусии кои почнуваат да го нарушуваат правото на користење на јавниот простор, обично преку закани, убедувања, навреди или омаловажувања.
Да се потсетиме, социјалните мрежи станаа дел од јавниот простор и таму „целодневните аналатичири“ го имаат секое право да се изразуваат но, да не заборавиме дека секој кој живее во границите на оваа држава, може и треба да го искористи и најстариот јавен простор – плоштадите и улиците, за да го изрази своето лично мислење.
Ми се чини дури дека тие што се на улица се попристојни, затоа што нема никакво криење позади екраните и се избегнува новата мода на изнајмување на угледен ретор или празнословен поет, лица кои се плаќаат за да некој друг може да слушне за нечии или свои заслуги, затоа што нема кој друг да го пофали.
Да признаеме медиумите од било каков вид се доста влијателни, вие самите по себе сте медиум, како движите, што зборувате и кои работи ги прифаќате.
Зошто ми изгледаат социјалните мрежи како место за пофалба на глупоста? Затоа што секој еден е силен на хартија и на типките на тастатурата, меѓутоа преку прозорецот се случува реалниот свет, а таму се групираат лица кои навистина имаат храброст. Ама исто да запаметиме дека тој што го презема кормилото на наративот или барем се обидува, секако ќе најде приврзаници на себе, затоа што сличните се наоѓаат меѓу себе. Таквите треба да се грижат за општествените интереси, а не за личните, не треба да отстапуваат ни за влакно од одговорноста на она што се пишува и зборува, не само официјално, туку и по коментарите. Да се грижи за она што го креира во секој момент. Креаторот на наратив треба да биде свесен дека тој е изложен пред очите на сите…а јас, како што во „Пофалба на глупоста“ пишува Ротердамски – Го мразам читателот кој памти се! Зошто пишаниот збор е квасец за нови настани, кои ако зафатат да талкаат по невистини, никогаш неа да стигнат до вистината.
Не е време за ласкање меѓу себе, време е за реално известување… и не е момент секоја невистина да стане вистина, затоа што несреќите се засноваат на лаги.
Оставете ги јавните простори да се користат по својата намена, медиумите нека известуваат и секој нека си ја носи одговорноста, ама до крај!