Евтаназија – какви се правилата во државите кои ја одобруваат

Врховниот суд на Италија пак, во 2019 година пресуди дека евтаназијата не е кривично дело доколку некое лице сака да стави крај на својот живот поради неподносливо страдање. Пресудата дојде по смртта на Фабијан Антониани, италијански диџеј, кој одбра да умре во швајцарска клиника за евтаназија во 2017 година. Фабо останал слеп и парализиран по тешка сообраќајна несреќа во 2014 година.

Парламентот на Португалија ја изгласа конечната верзија на законот за декриминализација на евтаназијата, со што Португалија стана една од земјите во што им дозволува на пациентите со неизлечиви болести да одлучат да ги „прекинат своите маки“. Законот беше изгласан првенствено со гласовите на социјалистите кои имаат апсолутно мнозинство: 129 пратеници гласаа „за“ во 230-члениот Парламент, а 81 беа против.

„Го потврдуваме законот што беше изгласан во неколку наврати со големо мнозинство“, рече претставничката на социјалистите Изабел Мореира, една од водечките застапници за неказнивост на евтаназијата.

Најголемата десничарска партија претходно за време на собраниската дебата побара референдум за темата евтаназија. Претседателот на „Чега“, Андре Вентура во Парламентот истакна дека не верува дека законот некогаш ќе стапи на сила. Дури и да стапи на сила, додава Вентура, „нема да има лекар во Португалија“ подготвен да ги почитува неговите одредби и секој иден десничарски парламент ќе работи на негово укинување.

Парламентарното мнозинство предводено од владејачката Социјалистичка партија четири пати гласаше за декриминализирање на медицински потпомогнатото самоубиство во изминатите три години. Неколкупати претходно, Уставниот суд и претседателот на Републиката, Марсело Ребело де Соуса, конзервативен политичар и жесток католик, се спротивставија на текстот на законот.

Евтаназијата и потпомогнатото самоубиство денес се дозволени во неколку европски земји, како што се земјите од Бенелукс кои први ја дозволија оваа постапка и во Шпанија.

Строги критериуми во Шпанија

Шпанскиот закон за легализирање на евтаназијата и потпомогнатото самоубиство стапи на сила во 2021-вата година, со што Шпанија стана четвртата европска земја, по Холандија, Белгија и Луксембург, која им дозволува на граѓаните да стават крај на животот во одредени околности, додека пак во Швајцарија е овозможено „самоубиство со помош“.

Сепак, целосното спроведување на законот се уште трае, бидејќи долг период одзема воспоставувањето на процедури. Парламентот во Мадрид пред две години го одобри нацрт-законот предложен од левичарската влада на премиерот Педро Санчез.

Во шпанскиот случај, на ваквото законско решение се спротивставија членовите на конзервативната Народна партија и екстремно десничарските популисти од партијата „Вокс“, како и две помали партии. Вокс поднесе и приговор до Уставниот суд, но тоа не го спречи законот да стапи на сила.

Воедно, во Шпанија гласен критичар беше и Католичката црква. Инаку, законот им дозволува на лекарите да вршат активна евтаназија на возрасни пациенти кои се сериозно болни и страдаат од неподнослива болка. Тука, напоменато беше дека ментална болест не може да биде причина за евтаназија. Законот дозволува и индиректна евтаназија во форма на потпомогнато самоубиство, што значи дека пациентот помага во спроведувањето на постапката.

Процесот има неколку фази и вклучува повеќе лекари, адвокати и комисии. Пациентот мора четири пати да изјави дека сака да стави крај на својот живот. Доколку повеќе не е целосно присебен, тогаш може да се земе предвид изјавата напишана претходно дека посакува потпомогнато самоубиство во случај на неизлечива болест и неподносливо страдање. Сепак, лекарите и негувателите исто така имаат право да не учествуваат во евтаназијата поради грижа на совест.

Холандија и Белгија чекор понатаму – родителите одлучуваат за децата

Евтаназијата и потпомогнатото самоубиство се легални во Холандија од 2002 година, а соседна Белгија ја донесе истата одлука шест месеци подоцна. Ова се првите две земји во светот кои почнаа да го применуваат, но под многу строги услови.

Потоа, во 2014 година, Белгија прва дозволи евтаназија на смртно болни деца кои имаат големи болки, со неопходна согласност од родителите. Холандија пак, одобри препорака да се дозволи евтаназија на терминално болни деца на возраст меѓу една и 12 години.

Тогашниот министер за здравство Уго де Јонг рече дека оваа промена ќе спречи некои деца „да страдаат безнадежно и неподносливо“.

Евтаназијата на Италијанец во Швајцарија го крена Ватикан

Врховниот суд на Италија пак, во 2019 година пресуди дека евтаназијата не е кривично дело доколку некое лице сака да стави крај на својот живот поради неподносливо страдање. Пресудата дојде по смртта на Фабијан Антониани, италијански диџеј, кој одбра да умре во швајцарска клиника за евтаназија во 2017 година. Фабо останал слеп и парализиран по тешка сообраќајна несреќа во 2014 година. Неговата смрт стана тема на жестока дебата во земја каде црквата се противи на евтаназијата.

Римокатоличката црква, која има големо влијание во Италија, ја гледа евтаназијата како морално неприфатливо убиство на личност и кршење на Божјиот закон. „Медицината, по дефиниција, е во служба на човечкиот живот“, рече папата Франциск по пресудата.

Судот го покрена прашањето за евтаназија во 2019-тата година за да го разјасни законот и обвиненијата со кои се соочи Марко Капато, борец за евтаназија кој го придружувал Фабијан Антониани во Швајцарија. На Капато му се заканувале 12 години затвор за „поттикнување и помагање на самоубиство“, но по пресудата на Врховниот суд бил ослободен. По оваа пресуда италијанскиот парламент требаше да расправа за евтаназија.

Уставниот суд на Италија минатата година го отфрли барањето за одржување национален референдум за легализација на потпомогнатото самоубиство, откако предлагачите на мерката собраа еден милион потписи за поддршка, двојно повеќе од потребниот број за одобрување на референдумот. Италијанските застапници на правото на смрт бараат делумно укинување на санкциите наметнати на оние кои помагаат во самоубиството на пациенти кои се во неподнослива болка и веќе добиле палијативна нега. Во соопштението, Уставниот суд наведува дека со укинувањето на казните не би биле обезбедени минималните уставни стандарди кои ја регулираат заштитата на човечкиот живот, „особено на слабите и ранливите“.

Различни стојалишта

Во периодот кога се носеше ваквата одлука на италијанскиот Уставен суд, папата Франциск го осуди потпомогнатото самоубиство како неприфатливо отстапување од медицинската етика. Говорејќи на аудиенција, Папата, напротив, ја пофали палијативната нега, чија цел е да им помогне на пациентите со неизлечивост да го живеат остатокот од својот живот што е можно поудобно и почовечно.

„Меѓутоа, мораме да внимаваме да не ја мешаме ваквата помош со неприфатливи отстапувања што доведуваат до убиства“, рече папата Франциск и додаде дека смртта треба само да се следи, „а не да се испровоцира или помага во било каков вид на самоубиство“.

Инаку, британскиот филозоф Френсис Бејкон, британски филозоф, бил првиот што го употребил зборот евтаназија во делото „Нов органон“ уште во 17 век. Со овој термин тој ја опиша лесната, среќна смрт, каде што „докторот е одговорен за ублажување на физичкото страдање“.

И денес се уште е актуелна дебатата кај, од една страна, оние кои кога зборуваат за евтаназија го посочуваат аргументот за достоинствена смрт како слобода на избор и од друга страна оние кои сметаат дека тој чин е кршење на етичките, правните, верските и медицинските кодекси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни