„Верувам во културната размена, и сметам дека не смее да има само една заедница на компири и домати, туку мора да има размена и за културните работници“, изјавила Мелина Меркури, поранешната пејачка на шлагери и министерка за култура на Грција кога ја објави идејата за прогласување на Европски престолнини на културата.
Од 2004 најмалку две културни престолнини годишно
Така госпоѓа Меркури бргу направи Атина да биде првата „Европска културна престолнина“. Магијата траеше само неколку недели, за време на летото. Почетоците беа скромни. Следуваа Фиренца, Амстердам, Берлин и Париз. Вистински големо шоуто стана во 1990 година со Глазгов. Оттогаш наваму се спроведува повеќестепена постапка на кандидирање со презентации и бизнис планови, речиси како за Олимписките игри. Во 2004 година во ЕУ влегоа десет нови членки, во меѓувреме ги има 27 на број и затоа сега годишно има најмалку две културни престолнини, објаснува Џон Мекдоналд, портпарол на еврокомесарот за култура во Брисел.
„Кога во 2004 година дојдоа новите држави членки, забележавме дека еден град повеќе не е доволен. Ротацијата на сите држави би траела предолго. Со цел источноевропските земји да не мора да чекаат предолго, Советот на министри го воведе правилото за во проесек две културни престолнини годишно.“
Културните престолнини профитираат од титулата
Сѐ започна со неколку концерти и уметнички изложби, меѓутоа во меѓувреме културните престолнини започнаа да нудат стотици приредби од речиси сите уметнички гранки. Солун, Вајмар, Порто или Корк подоцна се овенчаа со статусот културни престолнини.
„Се стремиме кон тоа културните престолнини да немаат само краткорочен ограничен ефект. Треба да биде поттикната долгорочна активност, дури и кога ќе заврши годината. Одржливоста е веќе еден од критериумите за избор на градовите“, вели Џон Мекдоналд.
Посакувани ефекти се реновирањето на културните центри, преобразувањето на индустриските објекти или компелтно нова изградба на културни институции, се дополнителната вредност со која се стекнуваат престолнините на културата. Една студија на Комисијата докажува дека културните престолнини профитираат од почесната титула.
Градовите ширум Европа стојат во редица за освојување на посакуваната титула, за која во меѓувреме мора да се кандидираат шест години порано.
Автор: Бернд Ригерт / Симе Недевски / Дојче Веле