Европските аеродроми предупредуваат: Имаме гориво за уште три недели

Европските аеродроми предупредуваат дека резервите на авио-гориво се под силен притисок и дека во следните три недели може да се отвори поширок проблем со снабдувањето.

ACI Europe бара итен надзор на ниво на ЕУ, со предупредување дека ако не се стабилизира протокот низ Ормускиот Теснец, може да се појави системски недостиг на авио-гориво токму пред летната сезона. Европските аеродроми предупредуваат дека Европската Унија би можела да се соочи со поширок недостиг на авио-гориво ако пловниот сообраќај низ Ормускиот Теснец не се стабилизира во следните три недели. Според ACI Europe, резервите се намалуваат, а снабдувањето дополнително е под притисок поради воените дејства и нарушените рути.

Во писмо испратено до европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас, организацијата предупредува дека ако теснецот не биде повторно отворен на стабилен и значаен начин, Европската Унија може да се соочи со реален и системски недостиг на млазно гориво. Загриженоста е уште поголема затоа што кризата доаѓа непосредно пред врвот на летната сезона, кога воздушниот сообраќај има клучна улога за туризмот и економијата на многу земји-членки.

Притисокот веќе се чувствува и на пазарот. Според податоците што ги пренесуваат медиумите, референтната цена на авио-горивото за северозападна Европа во четвртокот достигнала 1.573 долари по тон, речиси двојно повеќе од околу 750 долари по тон пред почетокот на војната со Иран. Авиокомпаниите засега сметаат дека имаат гориво за уште неколку недели, но добавувачите веќе не можат со сигурност да гарантираат испораки за мај.

ACI Europe предупредува и дека Европската Унија во моментов нема заеднички систем за мапирање, проценка и следење на производството и достапноста на авио-горивото на ниво на целата Унија. Затоа бара итно воспоставување координиран механизам, со оценка дека евентуална криза со снабдувањето не би била само проблем за аеродромите, туку и сериозен економски удар за цела Европа.

Дополнителен сигнал дека системот е чувствителен дојде и минатиот викенд, кога четири аеродроми во Италија воведоа ограничувања за авио-гориво по проблем кај еден од клучните снабдувачи. Иако тој случај не бил директно поврзан со Ормускиот Теснец, според ACI Europe, токму тоа покажува колку е кревка целата мрежа на снабдување.

Поради растечките трошоци, дел од авиокомпаниите веќе почнаа да го намалуваат бројот на летови. Delta Air Lines најави кратење на капацитетите, а Air New Zealand веќе откажа дел од летовите поради ценовниот удар на авио-горивото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни