Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската унија ќе им даде на производителите на автомобили рок од три години за да ги постигнат зацртаните цели за намалување на емисијата на јаглероден диоксид, кои првично беа поставени за оваа година.
„Постоји јасна побарувачка за поголема флексибилност во однос на целите за емисија на јаглероден диоксид. Клучниот принцип тука е баланс. Од една страна, потребна ни е предвидливост и праведност за оние кои успешно ги исполнуваат обврските. Тоа значи дека треба да се придржуваме кон договорените цели. Од друга страна, треба да ги слушнеме гласовите на заинтересираните страни кои бараат повеќе прагматизам во овие тешки времиња и технолошка неутралност“, изјави фон дер Лајен.
Промената значи дека европските производители на автомобили нема да мора да ги исполнат целите за 2025 година, доколку бидат подобри во наредните две години, пренесува Блумберг.
„Наместо годишна усогласеност, компаниите ќе добијат три години – тоа е принцип на банкарство и задолжување. Целите остануваат исти и мора да се исполнат. Тоа значи повеќе простор за индустријата и повеќе јасност, без промена на договорените цели“, додава претседателката на Европската комисија во соопштението на веб-сајтот на организацијата, пренесува Танјуг.
Акциите на европските производители на автомобили, вклучувајќи ги Фолксваген, Мерцедес-Бенц и Рено, пораснаа по оваа изјава, додава Њујорк агенцијата. Европските производители на автомобили се залагаа за промена на целите за емисија на јаглероден диоксид за 2025 година по падот на продажбата на електрични возила минатата година, а сега Европската комисија им овозможи одреден грејс период.
Компанијата Волво, која може да ги исполни целите за емисии за 2025 година, ја критикуваше оваа одлука, како и групите за заштита на животната средина. „Европската унија ризикува да создаде многу штетна неизвесност во однос на преминот на електрични возила во Европа“, изјави претставникот на групата „Транспорт и животна средина“, Вилијам Тодс.