Европската демократска партија остро реагираше по настаните на локалните избори во Мионица, Неготин и Сечaњ, обвинувајќи дека владејачката структура на Александар Вучиќ сè повеќе се изолира на европската политичка сцена и дека останува на власт преку „насилство, страв и манипулација со гласачите“.
Во објава на платформата Икс, партијата наведува дека српскиот претседател избегнува распишување избори на национално ниво токму затоа што „знае дека не би можел да победи без силеџии, закани и притисоци“. Во реакцијата се посочува и на инцидентите од изборниот ден во Мионица, каде граѓани, студенти, новинари и политички претставници беа нападнати, што европските демократи го опишуваат како „директен доказ за разградено демократско владеење“.
„Кога Вучиќ не испраќа групи за да тепаат студенти, млади луѓе, граѓани, пратеници или новинари – како што видовме во Мионица – тој знае дека не може да победи“, стои во соопштението.
Европските демократи додаваат дека локалните избори претставуваат „реална слика на Србија денес“ – изборен процес обележан со заплашување, измами, нападнати набљудувачи и параполициски групи кои делуваат под „толерирана соработка“ со делови од полицијата.
„Демократијата не може да опстане без одговорност. Режимот на Вучиќ го загрозува и едното и другото“, завршува пораката.
