Европски центар за права на Ромите: Случајот со фемицидот во Шуто Оризари е уште еден пример за институционална негрижа и системска дискриминација

Рамајана беше убиена на 3 мај од нејзиниот партнер и покрај тоа што повеќепати го пријавувала семејното насилство кај надлежните институции.

Европскиот центар за права на Ромите (ERRC) информира дека во текот на вчерашниот ден (5 мај) испратило писмо до Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, во кое остро реагира на фемицидот на Рамајана Асан — млада Ромка од скопската општина Шуто Оризари. 

Рамајана беше убиена на 3 мај од нејзиниот партнер, и покрај тоа што повеќепати го пријавувала семејното насилство кај надлежните институции.

Според ERRC, случајот претставува уште еден во низата алармантни примери на институционална негрижа и игнорирање на очигледните знаци на ескалација на насилството. Организацијата укажува на системска дискриминација кон Ромките и повикува на итна одговорност од надлежните органи.

Во 2022 година, ERRC ја ангажираше Иницијативата за права на жените од Шуто Оризари за истражување на родово базираното и семејното насилство врз Ромките од моментот на ратификацијата на Истанбулската конвенција од страна на Северна Македонија во 2017 година. Истражувањето покажа дека Ромките и понатаму се изложени на повеќекратна дискриминација и сериозни пречки во пристапот до заштита и поддршка.

ERRC апелира дека случајот со Рамајана ја открива итната потреба од целосна примена на Истанбулската конвенција, како и поставување на механизми за навремено и сериозно постапување по сите пријави за насилство.

„Институциите што треба да не заштитат — некаде целосно отсуствуваат, некаде не постапуваат. Тоа има смртоносни последици“, се наведува во соопштението на ERRC.

ERRC бара итна институционална одговорност, подобрување на пристапот до услуги за поддршка, и правда за Рамајана Асан и нејзините блиски. Организацијата изрази солидарност со сите Ромки и девојчиња кои се борат за безбедност, достоинство и живот без стравови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни