Европската автомобилска индустрија на работ од пропаст – што предлага ЕУ?

Автомобилската индустрија во Европа е во криза. ЕУ бара спас преку субвенции, нови регулативи и поддршка за електрични возила.

Европската автомобилска индустрија се соочува со сериозна криза која, според еврокомесарот за индустрија Стефан Сејурне, е „смртоносна закана“ за економската иднина на Европа. Причините се бројни: намалена продажба, високи енергетски трошоци, зголемена глобална конкуренција и несигурност во регулаторната и трговската политика.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 13 септември ќе одржи последна „кризна средба“ со врвните автомобилски директори во Брисел, дел од „Стратешкиот дијалог за иднината на автомобилската индустрија“.

И покрај европските иницијативи како „Battery Booster“ и фондови за истражување преку Horizon Europe, секторот сè уште бара поефективна акција. Европските производители, преку заедничко писмо, повикаа на поголема поддршка: пониски трошоци за полнење електрични возила, субвенции за купување, даночни олеснувања и рамномерно поставување полначи низ цела Европа.

Во моментов, само околу 880.000 јавни полначи се достапни, а се проценува дека ќе бидат потребни дури 8,8 милиони до 2030 година. Тоа значи дека треба да се инсталираат 1,5 милиони годишно — речиси 10 пати повеќе од сегашниот раст.

Покрај тоа, индустријата бара ревизија на строгите регулативи за CO2 емисии, предупредувајќи дека целите за 2030 и 2035 не се реални во моменталниот економски контекст. Автомобилите стануваат „компјутери на тркала“ со зависност од чипови и софтвер, што носи конкуренција од нови играчи, особено од Кина.

Кина денес е глобален центар за производство на електрични возила, со ниски трошоци и огромен домашен пазар — со продадени 32 милиони возила минатата година, од кои половина беа електрични. Во споредба, ЕУ продаде само 11 милиони. Бројот на кинески компании на саемот IAA Mobility во Минхен годинава порасна за 40%.

Дополнително, новите царини од САД врз европски автомобили и глобалната политичка неизвесност ја отежнуваат ситуацијата. Дел од експертите, како германскиот економист Фердинанд Дуденхофер, повикуваат на соработка, а не оддалечување од Кина.

Секторот вработува над 13 милиони луѓе директно и индиректно во ЕУ, а придонесува со приближно 1 трилион евра во БДП. Но, само во Германија, минатата година беа изгубени 50.000 работни места во автомобилската индустрија.

Како што предупредува Дуденхофер: „Секое работно место што ќе се изгуби, нема да се врати. Ако автомобилската индустрија пропаѓа, последиците за европската економија ќе бидат сериозни и долготрајни.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни