Европскиот мировен противпредлог предвидува американски безбедносни гаранции слични на оние од член 5 на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите. Ова го пренесе агенцијата Ројтерс, која имала увид во документот.
Во европскиот предлог се наведува и дека НАТО се согласува во мирнодопски услови трајно да не стационира свои сили во Украина. Во мирно време украинската армија би била ограничена на најмногу 800.000 припадници, додека американскиот план поставува лимит од 600.000 војници.
Европа бара Украина финансиски да биде обештетена, вклучително и преку руската имотна средства кои ќе останат замрзнати сè додека Русија не ја надомести штетата предизвикана од војната. Европскиот предлог содржи и одредба дека Украина нема да ги враќа „окупираните суверени територии“ со воена сила, туку преку преговори за размена на територии врз основа на линиите на контакт.
Противпредлогот исто така предвидува одржување избори во Украина што е можно побргу по потпишувањето на мировниот договор.
Извор на Ројтерс запознаен со текот на преговорите изјавил дека клучните разговори меѓу американската и украинската делегација за нацрт-планот што го предложи Вашингтон за завршување на војната во Украина се во тек во Женева
Што содржи Трамповиот план?
Покрај барањата Украина да направи територијални отстапки, во планот се наведува дека во случај на понатамошно руско напредување би следел „решителен координиран воен одговор“. Не се прецизира која би била улогата на САД.
Планот содржи и економски елементи:
– дел од замрзнатата руска имотнина би се користела за обнова на Украина;
– санкциите кон Русија би биле укинати;
– САД и Русија би соработувале долгорочно во области како вештачка интелигенција, енергија и експлоатација минерали;
– Русија би се вратила во Г8.
Сите страни би добиле амнестија за постапките за време на војната, што значи дека руските функционери и војници не би можеле да бидат гонети за воени злосторства. Планот предвидува и Украина да одржи избори во рок од 100 дена по склучувањето на договорот. Зеленски претходно изјави дека избори се можни само по воспоставување примирје.
Детален преглед на 28-те точки од Трамповиот план
1. Ќе се потврди суверенитетот на Украина.
2. Ќе се склучи сеопфатен договор за ненапаѓање меѓу Русија, Украина и Европа.
3. Русија нема да напаѓа соседни држави, НАТО нема да се шири.
4. Дијалог Русија–НАТО преку САД за безбедност и деескалација.
5. Украина ќе добие безбедносни гаранции од САД — првпат официјално.
6. Украинската армија ќе биде ограничена на 600.000 припадници.
7. Украина ќе внесе во устав дека никогаш нема да влезе во НАТО, НАТО ќе го потврди истото.
8. НАТО нема да стационира трупи во Украина.
9. Европски воени авиони ќе бидат стационирани во Полска.
10. Безбедносната гаранција од САД вклучува:
– САД добиваат компензација;
– ако Украина ја нападне Русија → гаранцијата се укинува;
– ако Русија ја нападне Украина → силен воен одговор;
– ако Украина испали ракета без повод → гаранцијата престанува.
11. Украина станува подобна за членство во ЕУ и добива привилегиран пристап до европскиот пазар.
12. Глобален пакет за обнова:
– технолошки развој, инфраструктура, обновување на гасоводите, ресурси, пакет од Светска банка.
13. Русија повторно ќе влезе во глобалната економија:
– постепено укинување санкции;
– долгорочни договори САД–Русија;
– враќање во Г8.
14. Замрзнатите средства ќе се користат така:
– 100 милијарди долари за обнова на Украина;
– САД добиваат 50% од профитот;
– Европа додава уште 100 милијарди;
– остатокот оди во заеднички американско-руски фонд.
15–19. Работни групи за безбедност, потврда на ненапаѓање, контрола на нуклеарното оружје, Украина останува ненуклеарна, електраната Запорожје под надзор на МААЕ.
20. Програми за толеранција и заштита на малцинства.
21. Територии:
– Крим, Луганск, Доњецк се признаваат како де факто руски;
– делови од Херсон и Запорожје се замрзнуваат по линијата;
– демилитаризирана зона;
– Русија не смее да влезе во зоната.
22. Двете држави се обврзуваат да не ги менуваат новите граници со сила.
23. Русија нема да го блокира украинскиот извоз преку Дњепар и Црно Море.
24. Хуманитарен комитет за размена на заробеници, враќање деца и помош на жртвите.
25. Украина ќе одржи избори во рок од 100 дена.
26. Полнa амнестија за сите страни.
27. Договорот е правно обврзувачки, надзор од Совет за мир предводен од Трамп.
28. Примирје веднаш по повлекувањето на страните.
