Дали Европа ја губи трката за обезбедување ретки земјени материјали?

Зелената транзиција, дигиталната економија и безбедноста на Европа сè повеќе зависат од материјали што Унијата речиси и не ги контролира – додека Кина ја зацврстува својата доминација.

Европа се соочува со тивка, но стратешки клучна криза. Додека зелената транзиција и технолошката автономија се поставени како централни цели на Унијата, основните материјали што ги овозможуваат тие процеси односно ретките земјени елементи, во најголем дел доаѓаат од надвор. Денес, глобалниот синџир на снабдување со овие ресурси е силно концентриран, а Кина контролира околу 60–70% од рударството и дури до 90% од капацитетите за преработка.

Наспроти тоа, Европска Унија увезува околу 95% од потребните ретки земјени материјали, покажуваат податоците на Европската комисија од 2024 година. Стапките на рециклирање остануваат под 1%, а иако Унијата постави амбициозни цели до 2030 година, јазот меѓу стратегијата и реалната индустриска моќ сè уште е значителен.

Оваа зависност значи дека технологиите што треба да ја ослободат Европа од фосилни горива (електрични возила, ветерни турбини, батериски системи) во суштина ја прават уште позависна од надворешни актери. Зелената транзиција, парадоксално, се потпира на глобални синџири што Европа не ги контролира.

Што се ретките земјени елементи и зошто сите ги посакуваат?

Ретките земјени елементи се група од 17 метални елементи со уникатни магнетни, светлосни и хемиски својства. Тие се незаменливи во високо-технолошкото производство: од чиста енергија и електроника, до одбранбени и медицински системи.

Иако не се геолошки „ретки“, нивната екстракција и преработка се сложени, скапи и еколошки чувствителни. Наоѓалиштата се географски ограничени, што ги претвора овие материјали во геополитички ресурс. Токму затоа Гренланд, богат со ретки земјени минерали, сè почесто се појавува во глобалните стратегиски калкулации.

Во енергетиката и транспортот, магнетите од ретки земји овозможуваат полесни и поефикасни електрични мотори и генератори. Во дигиталната економија, тие се основа за ласери, фотоника, полупроводници и дата-центри. Во одбраната, пак, се вградени во радари, сателити, прецизни оружени системи и аеронаутичка опрема.

Но ретките земји не се апстрактна индустриска категорија, тие се дел од секојдневието. Паметните телефони, лаптопите, слушалките и модерните дисплеи зависат од нив за квалитетен звук, светлина и компактност. Без нив, современиот технолошки животен стил би бил незамислив.

Зошто Европа заостанува?

Една од клучните причини лежи во историските избори. Европа никогаш не изгради целосно интегриран синџир на вредност за ретките земји. За разлика од тоа, Кина уште од 1980-тите ги третира овие материјали како стратешки сектор, инвестирајќи паралелно во рударство, рафинирање, легури, магнети и финално производство.

ЕУ, со текот на времето, дозволи домашните капацитети да згаснат, потпирајќи се на поевтин увоз. Денес, Унијата зависи од странски добавувачи речиси во секоја фаза од производството, од суровина до финален производ.

Структурните пречки дополнително ја продлабочуваат оваа слабост. Долгите процедури за дозволи, фрагментираните регулативи, локалниот отпор и строгите еколошки стандарди ги забавуваат или блокираат проектите. Финансирањето е расцепкано, а индустриските стимулации послаби во споредба со глобалните конкуренти.

Додека Европа започна сериозно да размислува за ретките земји како стратешки приоритет дури по 2020 година, Кина веќе создаде интегрирани индустриски кластери и економии на обем што тешко се стигнуваат.

Што прави ЕУ и дали е тоа доволно?

Во последните години, Унијата се обидува да го смени курсот. Клучен инструмент е Законот за критични суровини (CRMA), најавен од Урсула фон дер Лајен и веќе во сила. Целта е до 2030 година најмалку 10% од стратешките суровини да се ископуваат во ЕУ, 40% да се преработуваат локално и 25% да доаѓаат од рециклирање.

Покрај тоа, се ограничува прекумерната зависност од една земја и се воведуваат „стратешки проекти“ со забрзани дозволи и подобар пристап до финансии. Паралелно, ЕУ инвестира во нови технологии, замени за ретки земји и партнерства со држави како Канада, Чиле, Намибија и Украина.

Но и покрај тоа, реалноста останува трезвена: дури и со овие мерки, Европа тешко дека ќе стане целосно самодоволна во следната деценија.

Иднината: помеѓу амбиција и зависност

Побарувачката за ретки земјени материјали во Европа ќе продолжи да расте поради електрификацијата, дигитализацијата и зголемените безбедносни потреби. Најверојатното сценарио е делумна самодоволност, комбинирана со континуирана зависност од глобалните пазари.

Прашањето, затоа, не е дали Европа целосно ќе ја добие трката, туку дали ќе успее да ја намали својата ранливост и да влезе во новата технолошка ера подобро подготвена од претходно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни