Европа пред нова економска криза: Се поизвесна стагфлација поради енергетски шок и војни тензии

Економисти предупредуваат дека Европа може да се соочи со стагфлација поради раст на цените на енергенсите и конфликтот на Блискиот Исток. Се очекуваат повисоки цени, инфлација и ризик од рецесија.

Сè погласни се предупредувањата дека Европа може да влезе во нова сериозна економска криза, поттикната од ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањата на глобалните енергетски текови. Економисти и аналитичари сè почесто ја споменуваат можноста за стагфлација, комбинација од низок економски раст и висока инфлација.

Главниот ризик доаѓа од можните ограничувања на поморските рути, особено Хормушкиот теснец, низ кој минува околу петтина од светската нафта. Иако релативно мал дел од нафтата директно оди во Европа, цените на енергентите се формираат глобално, па секое нарушување веднаш се одразува на европските пазари.

Во меѓувреме, се појавуваат сè поалармантни проценки. Дел од експертите предупредуваат дека ако снабдувањето преку клучните енергетски рути се прекине подолг период, цената на нафтата може да забележи драматичен скок, што дополнително би ја поттикнало инфлацијата и би го забавило економскиот раст.

Политички и економски претставници во Европа веќе предупредуваат дека последиците од долготраен конфликт би можеле да бидат споредливи со големите кризи од минатото, вклучувајќи ја пандемијата и почетокот на војната во Украина.

Европската централна банка се соочува со тешка дилема, дали да ја зголемува каматната стапка за да ја контролира инфлацијата, или да го поддржи економскиот раст кој веќе е под притисок. Истовремено, владите на земјите членки се обидуваат да го ограничат ударот врз граѓаните преку мерки за штедење енергија и намалување на трошоците.

Последиците веќе се чувствуваат низ економијата. Цените на горивата во Европа растат, а инфлацијата повторно забрзува. Најпогодени се индустриите со висока потрошувачка на енергија, како челичната, хемиската и градежната индустрија, кои предупредуваат на можни намалувања на производството.

Дополнително, растат и трошоците во транспортот и логистиката, што директно влијае врз цените на храната и основните производи. Експертите предупредуваат дека долготрајни нарушувања во снабдувањето со енергенси и ѓубрива би можеле да доведат и до нови шокови на пазарот на храна.

Инфлацијата во еврозоната веќе е во пораст, а во некои земји членки, како Хрватска, таа е значително над просекот на Унијата. Аналитичарите проценуваат дека во наредниот период инфлацијата би можела да надмине и 4 проценти, доколку цените на енергенсите продолжат да растат. Во вакви услови, ризикот од стагфлација станува сè поизразен. Тоа значи дека економијата би растела бавно или би стагнирала, додека цените би продолжиле да растат, сценарио кое економистите го сметаат за едно од најтешките за управување.

Иако сè уште не се зборува за сигурна рецесија, предупредувањата од меѓународните институции и банките укажуваат дека Европа влегува во период на зголемена економска неизвесност, каде енергетската стабилност ќе биде клучен фактор за понатамошниот развој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни