Европа меѓу Гренланд и Украина: тивка дипломатија кон Трамп

„Европејците се плашат дека критикувањето на Трамп би можело да му даде изговор на американскиот претседател да склучи мировен договор на штета на Украина и Европа
Знамиња ЕУ и Украина
A Ukraine and European Union flag waves outside the Estonian Ministry of Defence building in Tallinn, Estonia, on July 16, 2024.

Додека Европејците се обидуваат да го одбранат Гренланд од заканите на Доналд Трамп, стравот од губење на американската поддршка во завршувањето на војната во Украина претставува исклучително деликатен чин на политичко балансирање.

Во текот на изминатата година, одржувањето добри односи со Доналд Трамп стана приоритет број еден за европските лидери, кои отидоа и чекор подалеку за да го смират расположението на американскиот претседател, да ги ограничат неговите најрадикални импулси и да ја задржат неговата цврста ангажираност околу нивната главна грижа – војната во Украина.

Иако Европа е убедливо најголем донатор за Киев, никој на континентот нема илузии дека на руската инвазија не може да ѝ се спротивстави без американско оружје и дека војната на крајот не може да се заврши без Вашингтон на преговарачката маса.

Во пракса, овој стратешки пресмет се претвори во болни отстапки, најпрво преку казнени царини што Трамп ги натера Европејците да ги прифатат.

„Овде не станува збор само за трговија. Станува збор и за безбедност. Станува збор за Украина. Станува збор за актуелната геополитичка нестабилност“, изјави Марош Шефчович, европски комесар за трговија, во јуни, бранејќи го трговскиот договор што воведе сеопфатна царинска стапка од 15 проценти за европските производи.

Истата логика сега се применува и во случајот со иднината на Гренланд.

Балансирање на работ на нож

Додека Белата куќа ги засилува заканите дека ќе го преземе ова огромно полуавтономно островско подрачје, дури и со сила ако е потребно, Европејците чекорат по најтенкиот можен мраз меѓу моралната обврска да го бранат територијалниот интегритет на Данска и длабокиот страв да не го налутат Трамп.

Кревкоста на ситуацијата јасно се покажа на состанокот на т.н. „Коалиција на подготвените“ во Париз, што го свика францускиот претседател Емануел Макрон за да го унапреди работењето на безбедносните гаранции за Украина.

Овој истакнат собир беше особен по првото лично учество на Стив Виткоф и Џаред Кушнер, главните преговарачи назначени од Трамп.

По завршувањето на состанокот, Макрон ја поздрави „оперативната конвергенција“ постигната меѓу Европа и САД во однос на мирот во Украина. До него, британскиот премиер Кир Стармер исто така беше оптимист, зборувајќи за „одличен напредок“.

Но, не помина долго пред „слонот во просторијата“ да стане очигледен.

Нагол пресврт

Првиот новинар што постави прашање го праша Макрон дали Европа сè уште може да ѝ „верува“ на Америка со оглед на заканите поврзани со Гренланд. Во одговорот, францускиот претседател брзо го истакна американското учество во безбедносните гаранции.

„Немам причина да се сомневам во искреноста на тој ангажман“, рече Макрон. „Како потписничка на Повелбата на ОН и членка на НАТО, Соединетите Држави се тука како сојузник на Европа и како такви соработуваа со нас во последните неколку недели.“

И Стармер беше ставен на тест кога новинар го праша за смислата на изработка на безбедносни гаранции за земја во војна „истиот ден“ кога Вашингтон јавно зборува за одземање територија од политички сојузник.

Како и Макрон, Стармер одлучи да ја нагласи позитивната страна.

„Односот меѓу Обединетото Кралство и Соединетите Држави е еден од нашите најблиски односи, особено во одбраната, безбедноста и разузнавањето“, изјави британскиот премиер. „Ние работиме со САД 24 часа на ден на тие прашања.“

Стармер накратко се осврна и на заедничката изјава објавена претходно истиот ден од лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Обединетото Кралство и Данска во одбрана на Гренланд.

Во изјавата индиректно се потсетуваат САД да ги почитуваат „начелата на суверенитет, територијален интегритет и неповредливост на границите“ вградени во Повелбата на ОН – истите принципи што Москва ги крши низ Украина.

Текстот не содржеше експлицитна осуда на целта Гренланд да биде анектиран со сила, ниту пак прецизираше какви било можни европски контрамерки.

„Гренланд му припаѓа на неговиот народ. Само Данска и Гренланд можат да одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, стоеше во завршниот пасус.

Гласна тишина

Недостигот од остра осуда потсети на европскиот одговор на американската операција која само неколку дена претходно го собори Николас Мадуро од власт во Венецуела.

Освен Шпанија, која ја осуди интервенцијата како отворено кршење на меѓународното право, останатите европски земји беа впечатливо тивки по правните прашања. Наместо осуда, фокусот го насочија кон демократската транзиција на власта во Венецуела.

Во приватни разговори, официјални лица и дипломати признаваат дека влегување во конфликт со Трамп поради соборувањето на Мадуро – непријателски диктатор – би било контрапродуктивно и неодговорно во момент кога се работи на зајакнување на безбедносните гаранции за Украина.

Сепак, ваквиот пристап на „одење по јајца“ е осуден на неуспех кога станува збор за Гренланд – територија што ѝ припаѓа на земја членка и на ЕУ и на НАТО.

Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека целата безбедносна архитектура изградена по крајот на Втората светска војна може да се урне преку ноќ доколку дојде до анексија. Стравот е дека обидот по секоја цена да се остане во милоста на Трамп може да дојде по цена што е незамислива.

„Двојна замка“ за Европа

„Европејците очигледно се наоѓаат во ’двојна замка‘: бидејќи очајнички им е потребна американската поддршка во Украина, нивните реакции на американските потези – било во Венецуела или на заканите на Трамп за анексија на Гренланд – се слаби или дури пригушени“, изјави Маркус Кајнер, виш соработник во Германскиот Маршалов фонд.

„Европејците се плашат дека критикувањето на Трамп би можело да му даде изговор на американскиот претседател да склучи мировен договор на штета на Украина и Европа. Дали ова создава јаз во кредибилитетот на ЕУ? Секако. Но, соочени со чисто трансакциски американски претседател, изгледа дека нема друг излез“, заклучува Кајнер.

Извор Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни