Ледени временски услови денеска зафатија голем дел од Европа, предизвикувајќи сериозни нарушувања во воздушниот, железничкиот и патниот сообраќај. Снегот и мразот доведоа до откажување на стотици летови во Холандија, затворање на патишта и најмалку пет жртви во сообраќајни несреќи во Франција.
Во Холандија, внатрешниот железнички сообраќај беше целосно прекинат во утринските часови, откако проблеми со ИТ-системите дополнително ја влошија состојбата во железничката мрежа. Иако возовите во некои делови од земјата повторно започнаа сообраќај неколку часа подоцна, сериозни проблеми и натаму беа присутни во регионот околу Амстердам, една од најпосетуваните туристички дестинации во Европа.
Откажани брзи возови и повеќе од 400 летови
Брзите линии на Eurostar од Амстердам кон Париз беа откажани или значително доцнеа. На аеродромот Схипхол беа откажани повеќе од 400 летови, најмногу од холандската филијала на Air France-KLM, откако зимските услови петти ден по ред го парализираа сообраќајот во едно од клучните европски транзитни јазли.
Шпанскиот државјанин Хавиер Сепулведа веќе три дена е заглавен на аеродромот Схипхол и не може да се врати во Норвешка. Тој изјави дека застанал во ред пред шалтерот на КЛМ уште во 6:30 часот наутро, но по шест часа сè уште не бил ни близу до почетокот на редот. „Ситуацијата можам да ја опишам само како хаотична и луда“, изјави 39-годишниот Сепулведа.
Екстремен студ во Германија
Во Германија, температурите во јужните и источните делови на земјата рано утрово паднаа значително под минус 10 степени Целзиусови. Големи површини беа покриени со снег, вклучувајќи и региони во близина на Северното Море, каде вакви снежни наноси се ретка појава. Метеоролозите најавуваат снежна бура во петок, со обилни врнежи од снег на северот и истокот на земјата.
Сообраќајни несреќи и жртви во Франција
Во Франција, продолжениот студен бран донесе исклучително ниски ноќни температури, по вчерашните снежни врнежи во поширокиот регион на Париз и во голем дел од земјата. Шест помали аеродроми беа затворени на западот и северот на Франција, но засега не се најавени откажувања на летови од двете главни париски аеродроми.
Францускиот министер за транспорт Филип Табаро ги повика граѓаните да го намалат патувањето и, каде што е можно, да работат од дома. Тој предупреди дека стопениот снег кој повторно замрзнал во текот на ноќта создава исклучително опасни услови на патиштата.
Француските медиуми објавија дека најмалку пет лица загинале во сообраќајни несреќи поврзани со мразот и снегот од вчера. Во Париз, автобускиот сообраќај беше сериозно нарушен откако повторно беше воспоставен по целосниот прекин претходниот ден.
Предупредувања и во Обединетото Кралство и на Балканот
Метеоролошката служба во Обединетото Кралство соопшти дека ризикот од зимски временски непогоди може да продолжи во текот на целата недела во поголем дел од земјата, издавајќи жолто предупредување за снег во централна Шкотска.
Обилните снежни врнежи и дождовите оваа недела предизвикаа хаос и низ Западен Балкан – беа затворени патишта, прекинато снабдувањето со електрична енергија и се излеваа реки. Во Сараево, вчера загина жена откако врз неа падна дрво натежнато од мокар снег.
