Франција ја разгледува можноста за префрлање на нуклеарно оружје во Германија за да ја осигура Европа, а исто така да испрати сигнал до Русија, пренесува Телеграф. Париз, како што истакнуваат аналитичарите, очигледно е подготвен да го искористи своето нуклеарно оружје за европската безбедност, па борбени авиони со нуклеарно оружје наскоро можеби ќе бидат префрлени во Германија.
САД се закануваат дека ќе повлечат дел од своите сили од Стариот континент и испраќаат порака до Европа да се погрижи за својата безбедност, поради што Мерц апелирал до Франција и Велика Британија да го прошируваат својот нуклеарен штит. Дипломатите во Берлин сугерираат дека одговорот на Париз може да влијае на британскиот премиер Кир Стармер да направи исто.
Како што истакна Мерц, новиот американски претседател Доналд Трамп недвосмислено покажа дека нема да се држи до целосно исполнување на ветувањата на НАТО за меѓусебна одбрана и дека Европа треба да воспостави независни одбранбени капацитети. Германија ќе формира Совет за национална безбедност, со седиште во канцеларијата на канцеларот, веднаш по формирањето на новата влада на Фридрих Мерц.Приоритет на Мерц, тврдат аналитичарите, е да ја обедини Европа и да ја направи побезбедна од Америка.
Списанието „Фокус“ наведува дека стратегијата на Мерц сигнализира јасна посветеност кон сојузниците, а тоа значи и дека Украина треба да се зајакне со дипломатски, финансиски и хуманитарни средства и испорака на оружје. Во програмата на Христијанско-демократската унија (CDU), која ќе биде водечка партија во новата германска влада, се истакнува дека „Украина ја брани и нашата слобода“. Сепак, останува отворено прашањето за испраќање ракети „Таурус“ против кои беше претходниот канцелар Олаф Шолц, а кои Мерц некаде подоцна ги поддржал. Намерата на идниот шеф на владата во Берлин е да ја врати Германија како моќен играч во Европа.
Германија, коментира „Дојче веле“, од Вториот светски војни до денес, играла улога на застапник на мултилатерализмот и говорник на демократијата и владеењето на правото, додека за безбедноста биле задолжени САД. Новата влада е на прагот на преоден период и ќе се соочи со огромни надворешно-политички предизвици, што ќе ја натера да се насочи кон нови правци во речиси сите области. Таа согласно новите ветрови во трансатлантските односи, може да биде градител на европски НАТО сојуз, шпекулира „Фокус“.