ЕУ воведува забрана за уништување на непродадена облека и обувки

Новите правила имаат цел да го намалат отпадот и да го поттикнат преминот кон циркуларна економија во текстилниот сектор

Европска комисија усвои мерки со кои се забранува уништување на непродадена облека, модни додатоци и обувки, со цел да се намали отпадот и негативното влијание врз животната средина, како и да се поттикне рециклирање и одржливо управување со ресурсите.

Од Европската комисија наведуваат дека новите правила ќе придонесат за намалување на отпадот, ограничување на штетата по животната средина и создавање порамноправни услови за компаниите што применуваат одржливи деловни модели. Со тоа, тие ќе можат поефикасно да ги искористат придобивките од циркуларната економија.

Според проценките на Комисијата, секоја година во Европа се уништуваат меѓу четири и девет проценти од непродадената текстилна стока. Овој отпад, како што се наведува, генерира околу 5,6 милиони тони јаглерод-диоксид (CO₂) годишно.

Забраната за уништување на непродадени производи ќе стане задолжителна за големите компании од 19 јули оваа година, додека за средните претпријатија нејзината примена ќе започне од 2030 година. Исклучоци ќе бидат дозволени само во оправдани случаи, како што се безбедносни причини или сериозни оштетувања на производите.

Надзорот над спроведувањето на правилата ќе биде во надлежност на националните власти во земјите-членки. Наместо уништување на залихите, компаниите се охрабруваат да применуваат поефикасно управување со стоката, вклучително и враќање на производите, препродажба, преработка, донации или повторна употреба.

Европската комесарка за животна средина Џесика Росвал изјави дека текстилниот сектор има водечка улога во транзицијата кон одржливост, но дека сè уште постојат значителни предизвици. Според неа, податоците за количините на отпад укажуваат на јасна потреба од интервенција, а новите мерки треба да го зајакнат секторот во насока на поодржливи и циркуларни практики.

Како илустрација за обемот на проблемот, од Комисијата посочуваат дека само во Франција секоја година се уништува стока во вредност од околу 630 милиони евра. Онлајн купувањето дополнително го влошува проблемот. Во Германија, на пример, годишно се фрлаат речиси 20 милиони вратени производи.

Новите правила се дел од пошироката стратегија на Европската унија за одржливи производи и намалување на отпадот, а Европската комисија најавува дека ќе продолжи со следење на нивната примена и ефектите врз животната средина и пазарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни