ЕУ: Увозот на енергија продолжува да се намалува

Во Европската унија, во првиот квартал од 2024 година, увозот на енергетски производи е намален во однос на истиот квартал од 2023 година. Поточно, во првиот квартал од годинава вредноста на увозот изнесува 95,5 милијарди евра или 183,8 милиони тони енергетски производи. Во однос на лани, вредноста е намалена за 26,4 отсто, а по нето маса за 10,4 отсто.

Поединечно, природниот гас во гасовита состојба е намален во вредност од 56,8 отсто во првиот квартал од годинава, а во нето маса за 11,7 отсто. Слично е и кога се зборува за течен гас, каде увозот бележи ненадеен пад на вредноста за 54,1 отсто, а по нето маса за 11,4 отсто. Овој пад во контекст на вредноста се должи на падот на цената на природниот гас по поскапувањето во 2022 година. Кога станува збор за намалување на нето масата, причината лежи во планот на Европската унија за намалување на потрошувачката на гас за најмалку 15 отсто.

За нафтените масла и вредноста и нето масата останаа стабилни, а во однос на првиот квартал од 2023 година, во 2024 година е забележан пораст на вредноста од 0,4 отсто и намалување на нето масата за 0,9 отсто.

Норвешка и Соединетите Држави остануваат клучни снабдувачи со енергија за Европската унија. Како што е наведено на веб-страницата на Евростат, во првиот квартал од 2024 година, најголем дел од увозот на нафта имало од САД со 17,1 отсто, потоа Норвешка со 13,6 отсто и Казахстан со 10,9 отсто.

Кога сме кај природниот гас во гасовита состојба, речиси половина е од Норвешка со 46,6 отсто, потоа Алжир со 19,7 отсто и Русија со 17,3 отсто.

САД обезбедија речиси половина од увезениот течен природен гас, 47,4 отсто. Втора земја по ред е Русија со 17,7 отсто, а трета е Алжир со 9,9 отсто.

Фото: pexels

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни