ЕУ усвои акциски план за намалување на зависноста од кинеските критични суровини

Европската комисија денес го усвои акцискиот план под името RESourceEU, со кој има за цел да ги забрза и засили напорите за обезбедување доволни количини критични суровини, меѓу кои ретки минерали, кобалт и литиум.

Според извршниот потпретседател на Комисијата, Стефан Сежурне, овој план треба да обезбеди алатки за зголемување на домашното производство на критични суровини и диверзификација на снабдувањето, со што ЕУ ќе ја зајакне својата индустриска сувереност во глобалната трка за клучните материјали.

Главна цел е намалување на зависноста од Кина, која е водечки светски снабдувач со редки земни елементи неопходни за современи технологии како паметни телефони, ветерни турбини, електрични возила и воена опрема. Планот предвидува финансиски средства и механизми за заштита на европската индустрија од геополитички и ценовни шокови.

Комисијата најави дека на почетокот на следната година ќе биде основан Европски центар за критични суровини, кој ќе обезбедува пазарни информации, ќе води и финансира стратешки проекти во партнерство со јавниот и приватниот сектор и ќе делува како управител на портфолија за диверзифицирани и отпорни синџири на снабдување, вклучително и заедничка набавка и складирање.

За заштита на единствениот пазар и засилување на отпорноста на синџирите на снабдување, акцискиот план предвидува засилено следење, координација во кризни ситуации и мерки против непријателски упади. Планирана е и измена на Законот за критични суровини на ЕУ, како и промоција на клучни проекти во Европа и надвор од неа.

Со мобилизација на финансиски инструменти за намалување на ризиците и отстранување на регулаторните пречки, Комисијата очекува да се забрзаат стратешките иницијативи што можат да ја намалат зависноста на Унијата од надворешни извори за 50 проценти до 2029 година. Во таа насока, ЕК ќе обезбеди до 3 милијарди евра во наредните 12 месеци за поддршка на проекти кои можат брзо да обезбедат алтернативни извори на критични суровини.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни