Европската Унија и Украина усвоија заеднички акциски план од 10 точки со кој ќе се овозможи технички напредок во процесот на пристапување на Украина кон ЕУ, и покрај тоа што официјалното отворање на преговорите е блокирано поради ветото на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Европските институции порачуваат дека членството на Украина во Унијата претставува „клучен елемент“ од долгорочните безбедносни гаранции за земјата.
Планот беше претставен по неформалниот состанок на министрите за европски прашања во Лвив, на кој присуствуваа сите земји членки освен Унгарија. Европската комесарка за проширување, Марта Кос, истакна дека членството на Украина во ЕУ е „политичката компонента на европската безбедносна гаранција“ за Киев и дека пристапниот процес ќе биде од централно значење за секој одржлив мировен договор.
Иако за формално отворање на преговорите е потребна едногласна согласност од сите 27 земји членки, Европската комисија ќе ја заобиколи политичката блокада преку интензивирање на техничката работа. Украина ќе продолжи неформално да ги спроведува реформите потребни за членство, со поддршка од Комисијата, со што ќе се овозможи напредок и без официјална одлука на Советот на ЕУ.
Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере, порача дека блокадата не може да трае вечно и дека Унијата мора да продолжи напред. Според неа, целта е да не се губи време и Украина да се доближи што е можно повеќе до финишот, за во моментот кога ќе се постигне политички консензус, земјата веќе да биде подготвена.
Воената агресија на Русија врз Украина ѝ даде нова тежина на долго запоставената политика на проширување на ЕУ, при што Украина и Молдавија беа експресно прогласени за кандидатки за членство по почетокот на инвазијата.
Акцискиот план силно се фокусира на владеењето на правото, борбата против корупцијата и зајакнувањето на судството. Посебен акцент е ставен на антикорупциските институции, по критиките од Брисел откако украинската влада летово предложи, а потоа повлече закон што ја загрозуваше независноста на антикорупциските тела НАБУ и САПО.
Според првата точка од планот, Украина се обврзува да ја зајакне независноста на овие институции, да ја заштити нивната надлежност од политички притисоци и да го прошири нивниот опфат кон сите високоризични позиции, врз основа на независни проценки. Дополнително, Киев се обврзува до вториот квартал од следната година да усвои нова антикорупциска стратегија и државна програма за борба против корупцијата.
Европската комисија неодамна предупреди на одредено назадување во антикорупциските напори, а во тек е и истрага за наводни корупциски шеми во државната енергетска компанија „Енергоатом“, што резултираше со оставка на поранешниот шеф на кабинетот на претседателот Зеленски.
Планот доаѓа во чувствителен момент за Украина, која се соочува со зголемен притисок од САД за постигнување мировен договор со Русија, во услови на неизвесност околу идната финансиска поддршка. Според медиумски информации, ревидираниот мировен план што Зеленски го доставил до Белата куќа предвидува членство на Украина во Европската Унија до 2027 година.
