ЕУ размислува да дозволи користење на јаглеродни кредити од земји во развој за климатските цели

Европската унија би можела да им дозволи на своите земји-членки да користат јаглеродни кредити добиени од проекти во земји во развој за да ги исполнат своите климатски цели, изјави европскиот комесар за клима Вопке Хекстра, пред клучните преговори за климатските политики на блокот.
European Union flag. Free public domain CC0 photo.

На средба закажана за среда, ЕУ ќе го разгледува амбициозниот план за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 90% до 2040 година, во однос на нивото од 1990 година. Целта е дел од напорите на Унијата да достигне нето нула емисии до средината на векот.

Но, предлогот да се дозволи дел од оваа цел да се постигне преку „јаглеродни компензации“ — финансирање на проекти за намалување на емисиите, како пошумување или обновување на шуми во земји во развој — предизвика силна реакција кај еколошките организации. Над 130 зелени групи испратија писмо до институциите на ЕУ изразувајќи „екстремна загриженост“ и предупредија дека компензациите не смеат да го заменат реалното намалување на емисиите во самата ЕУ.

Гарет Редмонд-Кинг од тинк-тенкот Energy and Climate Intelligence Unit изјави дека користењето компензации од странство може да го поткопа лидерството на ЕУ во глобалната борба против климатските промени: „Ако ЕУ не оди до крај во сопственото намалување на емисиите, тоа го намалува целокупниот глобален напредок.“

Сепак, Хекстра вели дека проектите за јаглеродни кредити може да бидат корисни за двете страни – финансирање за земјите во развој и емисии што се намалуваат глобално. „На планетата не ѝ е грижа каде се отстрануваат емисиите,“ изјави тој за The Guardian. Тој додаде дека кредити би се дозволиле само доколку придонесат над она што земјите веќе планираат да го постигнат – што значи дека мора да бидат дополнителни, а не замена.

Хекстра исто така призна дека досегашното искуство со вакви кредити било проблематично, бидејќи некои од нив се покажале како безвредни. Тој истакна дека идниот систем мора да се базира на „строг интегритет, сертификација и верификација.“

Ситуацијата дополнително се комплицира со несогласувањата меѓу земјите-членки. Франција и уште неколку држави повикуваат на „одвојување“ на внатрешната климатска цел од меѓународната обврска позната како NDC (национално определен придонес), кој според Парискиот договор треба да се постави за 2035 година. Според тие земји, ЕУ може да усвои NDC без формално да ја дефинира целта за 2040 година – што остава простор за помалку амбициозна политика.

Но, Хекстра остана цврст: „Оваа среда ќе излеземе со нашата климатска цел за 2040 година и ќе формулираме амбициозна NDC,“ рече тој. „Сигурен сум дека бројката ќе биде договорена до септември, како што бара ОН.“

Како што наближува крајниот рок, одлуките на ЕУ ќе бидат внимателно следени од еколошките организации и меѓународните партнери, особено во пресрет на новите климатски преговори на глобално ниво.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни