ЕУ предупредува на опасна зависност од критични минерали

Во една од најострите оценки се наведува дека истражувањата на минерални ресурси во ЕУ се недоволно развиени, а дури и кога ќе се откријат нови наоѓалишта, може да поминат и до 20 години додека еден рударски проект во ЕУ стане оперативен.

Европската унија се соочува со сериозен предизвик во обидите да ја намали својата зависност од Кина и земјите од глобалниот Југ кога станува збор за критични минерали и ретки земји, неопходни за сè – од паметни телефони и ветерни турбини до воени авиони.

Извештај на Европскиот суд на ревизори (ECA) со седиште во Луксембург открива дека целите на ЕУ за 2030 година се практично недостижни, поради недоволен напредок во домашното производство, преработка и рециклирање на овие суровини, објави The Guardian.

– Затоа е од витално значење ЕУ да ги засили напорите и да ја намали својата ранливост во оваа област – изјави Кеит Пентус-Росиманус, членка на ECA задолжена за ревизијата.

Извештајот, кој ја анализира способноста на Унијата да ја исполни целта од 42,5 проценти енергија од обновливи извори до 2030 година, укажува на длабок јаз меѓу политичката реторика и реалната состојба.

Во една од најострите оценки се наведува дека истражувањата на минерални ресурси во ЕУ се недоволно развиени, а дури и кога ќе се откријат нови наоѓалишта, може да поминат и до 20 години додека еден рударски проект во ЕУ стане оперативен.

– Ова го прави секој значаен придонес до рокот во 2030 година тешко замислив – се наведува во извештајот.

Геополитичка трка за минерали

Во меѓувреме, британскиот премиер Кир Стармер договори забрзана соработка со Јапонија во областа на критичните минерали за време на разговорите во Токио со јапонската премиерка Санае Такаичи.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата свика самит на околу 20 земји во Вашингтон, со цел координација на диверзификацијата на снабдувањето со минерали, меѓу кои литиум, никел, кобалт, бакар и ретки земји потребни за соларни панели, ветерни турбини и батерии за електрични возила.

Самитот се смета за чекор кон обновување на трансатлантските односи, нарушени по една година тензии за време на администрацијата на Доналд Трамп, како и отворање пат за нови сојузи што би им помогнале на земјите да го намалат ризикот од зависност од Кина.

Кина и Русија доминираат во снабдувањето

Мапата на добавувачи јасно ја покажува зависноста од Истокот, особено од Кина и Русија, при што Русија обезбедува 29 проценти од никелот што се користи во автомобилската и воздухопловната индустрија.

ЕУ е силно зависна од Кина за седум од 26 анализирани минерали, при што увезува:

  • 97 проценти од магнезиумот, кој се користи во производството на водород,
  • 71 процент од галиумот, неопходен за паметни телефони и сателитски комуникации,
  • 31 процент од волфрамот, кој се користи во бушење и рударство.

Кога станува збор за ретките земји, Кина контролира меѓу 69 и 74 проценти од шест клучни ретки минерали, меѓу кои неодимиум и празеодимиум, неопходни за производство на трајни магнети што се користат во сè – од системи за заклучување автомобили и врати на фрижидери до ветерни турбини.

Брисел претходно откри дека од 20.000 тони трајни магнети што ги користела индустријата на ЕУ во 2024 година, дури 17.000 тони биле увезени од Кина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни