ЕУ по Самитот со Западен Балкан: Скопје има јасен пат, 2026 може да биде клучна година

Европската Унија повторно ја потврди поддршката за европската перспектива на Западен Балкан, а за Северна Македонија испрати порака дека чекорите што треба да се преземат се јасни и добро познати.

Во писмената изјава по Самитот ЕУ–Западен Балкан во Брисел, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изрази надеж дека 2026 година ќе донесе вистински напредок за земјата.

Кошта истакнува дека проширувањето на ЕУ останува меѓу клучните приоритети на Унијата и дека станува збор за процес заснован на заслуги, а не на меѓусебно надметување. Земјите кои напредуваат побрзо, нагласува тој, не треба да бидат кочени од останатите, туку да служат како пример и поттик за целиот регион.

Во изјавата се нагласува дека покрај техничките аспекти на пристапниот процес, земјите-кандидати се соочуваат и со суштински политички избор, дали ќе останат заробени во минатото или ќе се насочат кон заедничка европска иднина, заснована на помирување, соработка и стабилност, вредности врз кои е изградена Европската Унија.

„Проширувањето денес се движи побрзо отколку во последните 15 години и оваа можност мора да се искористи“, наведува Кошта, потенцирајќи дека проширената Унија значи посигурна, посилна и попросперитетна Европа. Според него, секое претходно проширување ја потврдило оваа теза и го зајакнало заедничкиот економски и политички простор.

Осврнувајќи се на состојбите во регионот, Кошта оценува дека во изминатата година е забележан напредок. За Црна Гора посочува дека нејзиниот пристапен процес е значително забрзан, со успешно затворени поглавја, додека Албанија, според него, за краток период ги отворила сите преговарачки кластери и влегува во фаза кога реформите ќе бидат под лупа.

За Северна Македонија, претседателот на Европскиот совет ги поздравува чекорите за подобрување на регионалната поврзаност и повторува дека очекува конкретен напредок во наредниот период. „Властите знаат што треба да направат“, се наведува во пораката, со јасна алузија на обврските што произлегуваат од европскиот процес.

Во изјавата се споменуваат и Босна и Херцеговина, која годинава ја усвои Агендата за реформи како предуслов за пристап до Планот за раст, како и Косово, за кое се поздравуваат чекорите насочени кон градење доверба меѓу заедниците, при што претстојните избори се оценуваат како важен момент за продолжување на реформите.

Кошта не ја коментира Србија, чии претставници не учествуваа на самитот во Брисел.

На крајот, тој порачува дека само преку надминување на поделбите од минатото, земјите од Западен Балкан можат целосно да ја преземат улогата на идни членки на Европската Унија и да придонесат за стабилна и обединета Европа. Европската Унија, како што нагласува, ќе остане нивниот најсигурен партнер и ќе ги поддржува на секој чекор од патот кон членството.

Извор: 360 степени

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни