ЕУ одвои еден милион евра и 130 тони помош во натура за жртвите од земјотресот во Авганистан 

ЕУ одобри средства во износ од еден милион евра за хуманитарно финансирање на најитните потреби на населението засегнато од силниот земјотрес што во неделата го погоди североисточниот дел на Авганистан. 

Дополнително, ЕУ реши да донира и околу 130 тони хуманитарна помош од сопствените резерви. Оваа помош, која вклучува шатори, облека, медицински материјали и средства за прочистување на водата, ќе бидат доставени преку два хуманитарни лета до Кабул финансирани од ЕУ, кои треба да се реализираат во текот на оваа недела. 

Доделените финансиски средства, пак, ќе бидат дистрибуирани преку хуманитарните партнери на ЕУ кои веќе спроведуваат операции за помош на теренот. 

ЕУ ја активираше и сателитската услуга Коперник за да изработи мапи за итни случаи, што ќе помогне во испораката на помошта. 

Овие средства се надоврзуваат на претходно доделените 161 милион евра хуманитарна помош во 2025 година на хуманитарните организации што дејствуваат во Авганистан. 

Во неделата североисточните авганистански провинции Кунар, Нангахар и Лагман ги погоди земјотрес со интензитет од шест степени, при што, според расположливите извештаи, загинале најмалку 800 луѓе. Се стравува дека конечниот биланс на загинати ќе биде поголем. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни