Европска комисија денеска ја претстави првата петгодишна стратегија за управување со азилот и миграциите во Европска унија, која се темели на три клучни политички цели: спречување на нелегалните миграции, заштита на лицата кои бегаат од војна и прогон, како и привлекување квалификувана работна сила со цел зајакнување на економската конкурентност на Унијата.
„Мора да го одржиме намалувањето на нелегалните пристигнувања, а истовремено да поттикнеме легални патишта за влез во ЕУ. И двете се неопходни за функционирање на нашиот систем и за напредокот на нашите општества и економии“, изјави извршната потпретседателка на Комисијата, Хена Виркунен.
Еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер, нагласи дека ефективната контрола на границите е предуслов за заштита на оние на кои навистина им е потребна меѓународна заштита, но и за спречување на злоупотребите на азилните системи. „За да победиме во глобалната трка за најдобрите умови, мораме да ги ограничиме нелегалните миграции и да обезбедиме функционален и кредибилен систем“, рече Брунер.
Пет приоритети за следните пет години
Во рамките на стратегијата, Европската комисија дефинира пет приоритети кои ќе ја водат миграциската политика на Унијата до 2031 година. Првиот се однесува на засилување на дипломатските напори со земјите на потекло и транзит на мигрантите, преку користење инструменти како визната политика, трговијата и финансиската поддршка, со цел поттикнување поголема соработка. Паралелно, се предвидува интензивирање на борбата против мрежите за криумчарење мигранти, со цел спречување опасни миграциски рути на кои често се губат човечки животи.
Вториот приоритет е јакнење на управувањето со надворешните граници на ЕУ, што е клучно за зачувување на Шенген-просторот. Комисијата потсетува дека веќе е направен значаен исчекор со воведувањето на Системот за влез/излез (EES), додека во текот на оваа година се очекува и почеток на примената на новиот европски систем за информации и одобрување патувања (ETIAS). Во таа насока, се најавува и засилување на улогата на Frontex, агенцијата на ЕУ за гранична и крајбрежна стража.
Третиот приоритет е целосна имплементација на Пактот за миграции и азил, кој претставува темел на новата политика на ЕУ во оваа област. Пактот има за цел да обезбеди посилна заштита на надворешните граници, построги правила против злоупотреби и порамномерна распределба на одговорноста и солидарноста меѓу земјите-членки.
Четвртиот приоритет се однесува на поефикасно враќање на мигрантите кои немаат право на меѓународна заштита, додека петтиот е насочен кон привлекување квалификувани работници, со амбиција Европската унија да стане најатрактивната дестинација во глобалната трка за таленти.
Со новата стратегија, Европската комисија настојува да воспостави порамнотежен пристап меѓу безбедноста, хуманитарната одговорност и економските потреби, во контекст на зголемените миграциски притисоци и демографските предизвици со кои се соочува Унијата.
