Европската Унија донесе една од најострите одлуки во односите со Техеран, ставајќи ја Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) на официјалната листа на терористички организации. Потегот следува по, како што оценуваат европските институции, бруталното и систематско задушување на антивладините протести во Иран во изминатите месеци.
Еврокомесарката за надворешни работи Каја Калас изјави дека Унијата немала простор за двоумење.
„Репресијата не може да помине без одговор. Со оваа одлука, Револуционерната гарда е ставена во иста категорија со Ал-Каеда и Исламска држава“, порача Калас.
Одлуката доаѓа по извештаи на меѓународни организации за човекови права, според кои илјадници демонстранти биле убиени за време на неколкунеделните протести ширум Иран. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ја оцени акцијата на иранските власти како „најнасилна репресија во модерната историја на земјата“.
И покрај острата реторика, од Брисел сигнализираат дека дипломатските канали со Техеран нема целосно да се затворат.
„Секој режим што убива илјадници свои граѓани ја поткопува сопствената иднина“, изјави Калас, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да бара простор за политички дијалог, но без отстапки во однос на човековите права.
ИРГЦ важи за најмоќната воена и политичка структура во Иран. Формирана е веднаш по Исламската револуција во 1979 година и, според проценките, брои околу 190.000 активни припадници, со значително влијание врз економијата, безбедносниот апарат и регионалната политика на Техеран.
Со оваа одлука, ЕУ им се придружува на САД, Канада и Австралија, кои веќе ја имаат означено ИРГЦ како терористичка организација, додека Велика Британија засега се воздржува од ваков чекор.
Паралелно со прогласувањето, Европската Унија воведе и нов пакет санкции, кој опфаќа шест ирански субјекти и 15 поединци, меѓу кои се и министерот за внатрешни работи Ескандар Момени и државниот обвинител Мохамад Мовахеди Азад.
Одлуката дополнително ги заострува односите меѓу Брисел и Техеран и отвора нова фаза на политички и безбедносни тензии меѓу Иран и Западот.
