ЕУ и САД пред трговски договор со 15% царини: Загрозена германската автоиндустрија?

Европската унија и САД се на чекор до трговски договор што може да воведе 15% царини на увоз од ЕУ. Спогодбата предизвикува загриженост кај клучни индустрии, особено германските автомобилски производители.

Европската унија и Соединетите Американски Држави се приближуваат до трговски договор кој би вовел царини од 15 проценти на поголемиот дел од увозот од ЕУ, пишува Гардијан.

Стапката на царина, која се темели на договорот што оваа недела го постигнаа САД и Јапонија, би се применувала на повеќето стоки, со неколку исклучоци – меѓу кои авиони и медицинска опрема – рекоа дипломати запознаени со разговорите.

За да обезбеди подобар договор, ЕУ понудила да ја намали својата т.н. „стапка на најповластена нација“ – која сега во просек изнесува 4,8 проценти – на нула за одредени производи како дел од спогодбата, рече еден дипломат.

Полошо од договорот со Британија?

Конечната одлука ќе ја донесе американскиот претседател Доналд Трамп. Но, ако дојде до трговски договор, тоа би значело дека ЕУ добива полоши услови од Велика Британија, која прифати основна царина од 10 отсто.

Договорот би бил особено тежок за германската автомобилска индустрија. Иако би им се намалиле царините од сегашните 27,5 проценти, тие сепак би останале повеќе од пет пати повисоки од старите 2,75 проценти – царинска стапка што важеше пред враќањето на Трамп во Белата куќа.

Трговски договор со можни олеснувања за алкохол

Наводно се разгледува и дополнително намалување или укинување на царините за алкохолни пијалаци – што би било победа за извозниците на виски и коњак од ЕУ и за извозниците на бурбон од САД.

Според изворите, царината од 15% би го вклучувала статусот на најповластена нација и не би се додавала на постојните увозни царини што ги плаќаат различни сектори.

Истовремено со преговорите, ЕУ подготвува строги контрамерки доколку Трамп не го потпише договорот.

Унијата се заканува дека ќе воведе царини во вредност од речиси 100 милијарди евра на американски увоз – од бурбон до авиони на „Боинг“ – ако американскиот претседател се повлече од најновиот предлог.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни