ЕУ донесе одлука за финансирање на Украина, Русија со прва реакција: „Здравиот разум надвладеа“

Москва позитивно реагира на компромисот постигнат во Брисел, предупредувајќи дека користењето на замрзнатиот руски имот би било „нелегално“

Русија позитивно реагираше на компромисната одлука што синоќа ја постигнаа земјите членки на Европската Унија во врска со финансирањето на Украина за наредните две години. Главниот руски преговарач, Кирил Дмитриев, во објава на Телеграм оцени дека „правото и здравиот разум засега надвладеале“, коментирајќи го договорот постигнат во Брисел.

Дмитриев одлуката ја оцени како сериозен удар за, како што ги нарече, „политичарите што туркаат кон војна“, директно именувајќи ја претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер. Според него, компромисот покажува дека дел од европските лидери сепак не се подготвени да одат чекор понатаму во користењето на замрзнатиот руски државен имот

Тој нагласи дека „неколку гласови на разум во рамки на ЕУ“ досега успеале да спречат, како што рече, нелегално користење на руските резерви за финансирање на Украина. Москва, како што потсети, во повеќе наврати предупредуваше дека ваков потег би го сметала за кражба на државен имот и најави можни контрамерки, вклучително и користење на западни средства и приватна имотна маса на руска територија.

Во посебна објава на социјалната мрежа X, Дмитриев оцени дека фон дер Лајен, Мерц и Стармер претрпеле политички пораз, додавајќи дека „целиот свет гледал како не успеале да извршат притисок врз другите да го прекршат меѓународното право“.

По повеќемесечни преговори и несогласувања, земјите членки на ЕУ рано утрово постигнаа договор со кој Украина ќе добие бескаматен заем во износ од 90 милијарди евра за периодот 2026–2027 година. Според компромисното решение, доколку Русија не исплати воена отштета, замрзнатата руска имотна маса во рамките на ЕУ ќе се користи исклучиво за отплата на заемот, а не директно за финансирање.

Првичните предлози, особено од германска страна, предвидуваа користење на средствата на руската централна банка, главно замрзнати во Белгија, за обезбедување заеми и до 210 милијарди евра. Сепак, ваквиот план пропадна поради силното противење на повеќе земји, меѓу кои Франција и Италија, како и поради правните и политичките ризици на кои предупреди Белгија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни