ЕУ бара штедење гориво: Помалку летови, помалку возење, повеќе работа од дома

ЕУ повика на штедење гориво преку помалку летови, помалку возење и повеќе работа од дома, поради ризици од подолготрајна енергетска криза.

Европската комисија ги повика земјите членки да почнат со мерки за штедење нафта и гас и подобро да се подготват за можно подолготрајно нарушување на енергетските пазари поради конфликтот на Блискиот Исток. Европскиот комесар за енергија и домување Дан Јергенсен оцени дека ситуацијата е сериозна и предупреди дека, дури и ако конфликтот заврши брзо, враќањето во нормала нема да биде непосредно.

По вонредниот состанок на министрите за енергија на ЕУ, Јергенсен порача дека земјите треба да разгледаат доброволни мерки за намалување на потрошувачката, особено во транспортот. Тој ги посочи препораките на Меѓународната агенција за енергија, меѓу кои се работа од дома каде што е можно, намалување на брзината на автопатите, поголемо користење јавен превоз, споделување превоз и поефикасно возење.

Во исто време, Комисијата ги повика владите побрзо да ги полнат складиштата за гас и координирано да се подготват за следната зима. Според Брисел, ЕУ сега е подобро подготвена отколку во 2022 година, но останува изложена на нестабилните глобални пазари, па затоа се бара побрза реакција и користење на постојните механизми за флексибилност.

На подолг рок, Јергенсен побара забрзување на инвестициите во обновливи извори на енергија и јакнење на европската енергетска независност. На состаноците на ниво на ЕУ се разговарало и за државни субвенции, зајакнување на енергетската безбедност, зголемување на уделот на обновливи извори и други можни мерки што Брисел допрва треба да ги претстави во поширок пакет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни