Трамп, кој во јули посредуваше во постигнувањето примирје меѓу двете земји, изјави дека ќе упати телефонски повик со цел да стави крај на ескалацијата, пренесува Reuters.
Трамп од говорницата: „Ќе морам да направам телефонски повик“
Настапувајќи на собир во Пенсилванија во вторникот, Трамп наведe повеќе меѓународни конфликти за кои тврди дека помогнал да се смират меѓу нив и оние меѓу Индија и Пакистан, како и Израел и Иран. Потоа се осврна и на обновениот судир во Југоисточна Азија.
„Мразам што морам да кажам, но се вика Камбоџа–Тајланд. Почна денес, а утре ќе морам да направам телефонски повик“, изјави Трамп. „Кој друг може да каже дека со телефонски повик ќе сопре војна помеѓу две многу моќни земји, Тајланд и Камбоџа?“
Трамп веќе разговараше со лидерите на двете држави и одигра значајна улога во јулското примирје, кога загинаа најмалку 48 лица, што е најтежок судир меѓу двете земји во поновата историја.
Додека се чека на американската интервенција, Бангкок и Пном Пен имаат спротивни гледишта за тоа како да се реши кризата.
Тајландскиот министер за надворешни работи изјави дека моментално не гледа простор за дијалог и дека ситуацијата „не е погодна за посредување од трета страна“.
Од друга страна, главниот советник на камбоџанскиот премиер Хун Манет изјави за Reuters дека Камбоџа е подготвена да разговара во секое време.
Во јули, Трамп ги искористи трговските преговори за да поттикне примирје, но тајландскиот министер Сихасак Фуангкеткео порача дека притисок преку закана со царини не смее да се применува.
Тензиите повторно ескалираа откако Тајланд минатиот месец ги суспендираше мерките за деескалација договорени на октомврискиот самит со присуство на Трамп. Повод беше инцидент во кој тајландски војник беше тешко повреден од нагазна мина за која Бангкок тврди дека ја поставила Камбоџа, нешто што Пном Пен категорично го демантира.
Двете страни соопштија дека евакуирале стотици илјади луѓе од пограничните области. Според камбоџанското Министерство за одбрана, од понеделникот се убиени девет цивили, а 20 се тешко повредени. Тајландските власти потврдија смрт на четворица војници и 68 ранети лица.
Тензиите дополнително ги подгреа изјавата на висок тајландски генерал, кој во понеделникот рече дека целта на армијата е да ја „осакати воената способност на Камбоџа на долг рок“.
Камбоџанското Министерство за одбрана возврати дека нивните трупи биле принудени да реагираат одбранбено, обвинувајќи го Тајланд за „несеелективно и брутално гранатирање на цивилни населби“ со артилерија обвинувања што Бангкок ги отфрла.
Ескалацијата предизвикува страв дека конфликтот може понатаму да се прошири, додека регионалните и меѓународните актери повикуваат на итно запирање на огнот.
Извор:Index.hr
