Есен, време кога се враќам кон себе си

Есента одново и одново се обидува да ме научи да бидам задоволна со тоа што сум. Да не се обидувам да се барам низ времето и да се проектирам во иднината, туку да се вратам на тоа што сум сега и да го сакам, без услови. И да успорам. Да не брзам со нови почетоци, затоа што есента во мене не бара почеток, туку дозвола за пауза. Доволно е само да бидам, сега и тука. Доволна таква каква што сум. Есен е. И добро ми е тука…

Некако секогаш со првите студени есенски денови започнува период на враќање кон себе си. Сезоната која ги менува боите на природата, ме менува и мене.

Ги собирам мислите на купче. Некои ги чувам, некои ги пуштам да одлетаат со ветерот. Интроспекција. Читање на сопствената тишина и внатрешно пребарување низ емоциите. Ретроспектива на годината која изминала во мене…

Првите денови на есента некако секогаш ме потсетуваат дека ништо не е постојано, освен потребата да подзапрам, да се смирам, да се запрашам: Каде сум сега? Која станав оваа година?

Есента во мене доаѓа тивко, ненаметливо и ми ги враќа утрата замотани во топло ќебе, попладнето исполнето сo луѓето кои ги сакам и вечерите со книги. Oктомври како секогаш да ми вели: време е да се вратиш дома, не во некоја географија, туку во себе.

Во овие денови на бавно одење низ лисјата, на кафето кое се пие подолго и поспоро, на разговорите кои не мора да бидат гласни… се учам повторно „да бидам“, без „да морам“. Да чувствувам, без да објаснувам. Да научам повторно дека верноста кон себе не е гласна. Таа е тивко стоење на своето. Онака есенски. Тврдоглаво. Со доза сомнеж, но со многу љубов.

Се преслушувам одново и одново. Ги сакам своите 45 години кои доаѓаат со есента и носат зрелост. Носат нови прашања, но и мир во одговорите. Ги прелистувам одново одлуките кои сум ги донела низ годините… Не знам дали беа правилни, ама знам дека беа мои. И во сите нив ме има мене. Во сите падови, промени, во сите есенски денови што ме направија ова што сум денес.

Есента одново и одново се обидува да ме научи да бидам задоволна со тоа што сум. Да не се обидувам да се барам низ времето и да се проектирам во иднината, туку да се вратам на тоа што сум сега и да го сакам, без услови.

И да успорам.
Да се наслонам на есенските денови како што се наслонувам на луѓето кои што ги сакам во деновите кога ми е студи. Да не брзам со нови почетоци, затоа што есента во мене не бара почеток, туку дозвола за пауза. И да не морам сè да знам. Да не морам сè да решам веднаш. Доволно е само да бидам, сега и тука. Доволна таква каква што сум.

Есен е.
И добро ми е тука…

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни