Ердоган: Одлуката на ПКК да го положи оружјето отвора нова страница во историјата

Турскиот претседател Таип Ердоган денеска изјави дека за Турција се отвора нова страница во историјата, откако ден претходно помала фракција на Курдската работничка партија (ПКК) го положи оружјето.

За време на говорот на состанок на неговата партија во Анкара Ердоган изјави дека „проблемите на нашите браќа Курди во Ирак и Сирија се и наши проблеми“.

-Разговараме со нив за овој процес и тие се многу задоволни. Сега ќе ја фокусираме нашата енергија на нашата основна дејност. Нема да ги трошиме нашите ресурси за борба против тероризмот, туку ќе ги мобилизираме за развој. Турција ќе расте преку братство, рече Ердоган, пренесен од порталот Хуриет.

Тој нагласи дека Турција се движи во насока на стабилност и безбедност и им дава поддршка на сите што ќе направат чекор во таа насока.

-Од вчера, проблемот на тероризмот влезе во процес на самоизолација. Денеска е нов ден, се отвори нова страница во нашата историја. Денеска, вратите на големата, моќна Турција се отворија широко, рече Ердоган.

Околу 30 борци на ПКК вчера го запалија своето оружје во северен Ирак на симболична церемонија што го означи почетокот на крајот на деценискиот бунт против Турција.

Милитантите на ПКК, партија забранета во Турција, вќера го предадоа своето оружје во северната ирачка покраина Сулејманија, ветувајќи дека ќе ја продолжат својата борба на легален и демократски начин, што Турција го поздрави како конкретен чекор кон мирот.

Тие го објавија преминот од вооружена борба кон политички ангажман, потврдувајќи ја својата посветеност на „слобода, демократија и социјализам на легален и демократски начин“.

Одржаната церемонија е дел од планот за траен мир во пет фази. Таа следи по видео повикот од 19 јуни на затворениот курдски лидер Абдула Оџелан и претходната изјава од февруари кога Оџелан ги повика своите борци да се разоружаат и да го прифатат политичкиот пат.

ПКК го објави своето распуштање во мај и ја повика турската Влада да го ослободи Оџалан, кој од 1999 година се наоѓа во турски затвор на островот Имрали, и да преземе сериозни чекори кон политичко решение на курдското прашање. Покана беше испратена и до регионалните и меѓународните актери да го поддржат мировниот процес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни