Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази загриженост поради страдањето на цивилите во Иран и најави засилени дипломатски напори за постигнување прекин на огнот и враќање на мирот во регионот.
Говорејќи на настан во Анкара, Ердоган истакна дека Турција ја споделува болката на иранскиот народ и дека приоритет е итно запирање на насилството и отворање простор за дијалог.
„Длабоко нè погодува страдањето на цивилите и недолжните деца. Ние сме на страната на мирот и ќе ги интензивираме дипломатските контакти сè додека не се воспостави прекин на огнот“, порача турскиот претседател.
Предупредување за регионални и светски последици
Ердоган предупреди дека доколку не се преземат итни чекори, конфликтот може да има сериозни последици за регионалната и глобалната безбедност, како и за економската и геополитичката стабилност.
„Никој не може да ја поднесе неизвесноста што би ја донел овој процес. Овој пожар мора да се изгасне пред да се прошири“, изјави тој.
Во меѓувреме, заедничките американско-израелски напади од саботата доведоа до жртви, меѓу кои и високи ирански функционери. Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети кон локации поврзани со САД во земјите од Заливот.
Според достапните информации, загинале четворица американски војници, а уште четворица се тешко повредени. Иранскиот Црвен полумесечина соопшти дека бројот на загинати во американските и израелските воздушни напади се искачил на 555 лица.