Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно го предупреди Иран да не презема „провокативни чекори“, откако системите за противвоздушна одбрана на НАТО пресретнаа уште една балистичка ракета лансирана од Иран кон Турција.
Според турските власти, станува збор за втора балистичка ракета што била пресретната откако била испукана од иранска територија во правец на Турција.
„И покрај нашите искрени предупредувања, продолжуваат исклучително погрешни и провокативни потези кои можат да го загрозат пријателството со Турција. Такво однесување не треба да постои“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека е неопходно да се избегнат упорноста и тврдоглавоста во погрешни потези, нагласувајќи дека ваквите инциденти можат дополнително да ја зголемат тензијата во регионот.
Предупредувањето од Анкара доаѓа во момент на зголемени тензии на Блискиот Исток, по ескалацијата на конфликтот меѓу Иран, Израел и Соединетите Американски Држави. Турција досега повика на воздржаност и дипломатско решение за да се спречи поширока регионална ескалација.