Епидемиолозите смируваат: Нема опасност за ширење на птичји грип меѓу населението

Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина. Преносот од човек на човек е многу редок, велат епидемиолозите

Откако Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека по лабораториското тестирање на угинатата птица во Скопската Зоолошка градина е потврден случај на присуство на високопатоген сој на вирусот на „птичји грип“ – H5N1, епидемиолите смируваат дека ризикот за граѓаните да заболат од овој вирус е многу мал.

„Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина. Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо. Преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ. Периодот на инкубација се движи просечно од 2 до 5 дена, па и до 17 дена“ напиша на својот ФБ профил епидемиологот Драган Даниловски.

Тој ги повтори уште еднаш знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).

„Стапката на смртност од инфекција со A(H5N1) кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен„ напиша тој.

Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновскам вчера изјави дека четворица од вкупно 15 вработени во скопската Зоолошка градина (ЗОО) ќе бидат ставени под здравствен надзор по потврден случај на птичји грип кај угината гуска на 20 октомври. Eден од вработените, покажал симптоми на покачена температура и дијареја и истиот ќе биде тестиран за вирусот. Неофицијално, неговите резултати се негативни за присуство на вирусот.

„Здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали ќе пројават било каков симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип. Вработените секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози и ќе се следи нивната здравствена состојба“, изјави Андоновска.

Таа уверува дека не постои опасност за посетителите на Зоолошката градина, освен ако не биле во директен контакт со заразените птици.

Во препораките пак на Агенцијата за храна и ветерија стои дека трансмисија на болеста од животно на човек настанува кога од респираторниот секрет или изметот на заразените птици, како и од контаминираните површини се формираат аеросолни честички на вирусот со димензии од околу 10 микрони. Тие движејќи се низ воздушната средина доаѓаат во контакт со лигавицата на носот и очите на експонираните лица или се вдишуваат и на тој начин навлегуваат во белите дробови. Птичјиот грип лесно се пренесува меѓу птиците и поради тоа при сомнение или потврдување на случаи на грип меѓу живината се препорачува нејзино уништување, наспроти економские последици од тоа. Оттука, работниците ангажирани во првата линија на нивното уништување и крајна диспозиција се под зголемен ризик за инфекција.

„Со вакцина против сезонски грип треба да бидат вакцинирани сите работници кои професионално доаѓаат во контакт со птичји грип и тоа работниците за кои со сигурност е утврдено дека биле во близок и пролонгиран контакт со инфицирани/заболени птици или контаминирани површини. Исто така секојдневно треба да примаат антивирусни лекови против грип се додека трае контактот“ се вели пак во препораките на Институтот за јавно здравје.

Што е Инфлуенца A(H5N1)?

Инфлуенца A(H5N1) е еден од неколкуте вируси на грип кој предизвикува високо заразна респираторна болест кај птиците наречена Птичји грип. Документирани се и инфекции од вирусот кај цицачи, вклучително и кај луѓето кај кои може да предизвика низа болести, од благи до тешки, а во некои случаи може да биде дури и смртоносна. 

Вирусот на птичјиот грип A(H5N1) првпат се појавил во 1996 година и оттогаш предизвикува епидемии кај птиците. Од 2020 година, една варијанта на овие вируси доведе до невиден број на смртни случаи кај дивите птици и живината во многу земји. Прво ги зафати Африка, Азија и Европа, во 2021 година, вирусот се прошири во Северна Америка, а во 2022 година, во Централна и Јужна Америка. Во Европа, погодени беа повеќе од 50 милиони птици само за време на епидемијата во 2021/2022 година.

Помеѓу 2 декември 2023 година и 20 септември 2024 година, забележани се високопатогени епидемии на птичји грип кај домашни и диви птици во 32 земји во Европа. Од земјите во соседството, регистрирани се позитивни примероци кај птици во Србија, Косово, Бугарија, БиХ, Хрватска и Словенија. Во ниту една од овие земји не се регистрирани случаи кај луѓето.

Лоши години за скопската Зоолошка Градина

Пред појавата на причји грип, во последните години во скопската ЗОО угинаа повеќе животни. Жирафите Каспер и Флопи, слоницата Дуња, сибирската тигрица Надја, лавот Жика и три сортни коњи. Минатиот јуни Зоолошката го изгуби кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Таа сега нема право на никакви соработки со други зоолошки-членки и зоолошки-кандидати, ниту пак има право повторно да аплицира за статус во следните осум години.

По последниот случај на птичји грип, Скопската зоолошка градина останува под клуч во наредните 20-тина дена, откако беше откриен случај на птичји грип кај угината птица. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни