Викендов во кафе-книжарницата ,,Буква” моите другари од младинското здружение ,,Култура Бета” го прославуваат петтиот роденден. Придонесот на оваа група млади луѓе за развојот на алтернативната сцена и за нова креативност која и е потребна на земјата е огромен од повеќе причини. Драго ми е што можам да напишам нешто за ова затоа што верувам дека за неколку години уште појасно ќе може да се види нивната улога во раздвижувањето на креативниот простор овде, особено во давање насока на нови луѓе и нови таленти. Исто така, затоа што во овие неколку години заедно сме работеле на некои младински иницијативи во културата и одблизу сум го видела нивниот труд и елан, мали жарчиња идеи кои никако не смеат да се потценат.
Нивното појавување почна полека да придонесува од повеќе аспекти во културата кај нас, првенствено затоа што почна посветено да ја следи и да дава шанса за промоција од една поинаква перспектива. Сме имале куп талентирани луѓе од различни области кои немале шанса да стигнат до некаков медиум. Понатаму, она што го гледам како важно и зошто ја потенцирам нивната улога е решеноста да се истрае низ некаков нов момент на непознатото и да се покаже дека и новите генерации имаат интереси, музика, уметност што ја сакаат и книги што ги читаат. Денес бројат девет членови кои континуирано работат на содржини, но тимот низ годините беше збогатуван со многу луѓе и соработници од различни дејности. Koга ја прашав Хана која е еден од основачите на ,,Култура Бета” како гледа на алтернативната сцена и на придонесот кој го имаат направено низ годините, таа ми кажа:
,,Во изминативе 5 години поради „Култура Бета“ запознав многу млади креативни луѓе кои гледаат уметност во сѐ околу нив. Сфатив дека алтернативната култура е многу плодна и со секој еден артист што ќе се појави на сцената, се раѓаат уште 5 кои се инспирирале од некој сличен како нив. Многу ми е мило што „Култура Бета“ ја да дава таа можност на младите луѓе да се пронајдат на сцената, во било која сфера од уметноста. Драго ми е што сега полека почнува да се создава заедница од млади за млади, базирана на солидарност каде секој го дава она што го има и никој не е оставен во сенка.”

Затоа и меракот за пренесување на дел од таа приказна тука ми е голем, чувствувајќи потреба и должност уште повеќе да се афирмира ова што неуморно го прават, не само како студенти и како луѓе заинтересирани за култура, туку и како идни културни дејци. Би сакала ова да е силна инспирација за уште нови бранови кај најновите генерации, уште нови тенденции, уште нови почетоци и можност да се учи и да се расте. Сигурна сум дека знаат и размислуваат во кои полиња можат континуирано да се трансформираат, а и самиот општествен контекст мислам дека дополнително ќе покаже и насока кон кој таа активност ќе се движи. Она што е важно е да не се застанува, да се работи и да се создава, да се биде дел или самостојно да се создава тој простор за критичка и алтернативна култура кој ќе доаѓа од најмладите генерации, од кои и самата сум дел. Мислам дека времето ќе покаже уште повеќе колку секое јадро од кое се создава независната култура ни е суштински важно и скапоцено, за да останеме колку можеме слободни и храбри кога застапуваме вредности за такво општество и систем.
Леонид, уште еден од основачите, за овој убав процес на градење додава:
,,Пред скоро време имав шанса да поминам низ една интимна ретроспектива и сфатив дека уште од многу мал сум се изразувал себеси преку различни уметнички манири. Со тоа научив колкава е потребата да постои некаква платформа која дава кураж и поддршка на креативните пориви на поединци. Животниот пат ми наложи професионалното занимање да ми биде во финансиско-правната сфера и одлучив дека тоа знаење можам да го искористам за работење ,,позади завесите” на еден мал културен колектив, чија цел е да биде поткрепа на креативците кои се изразуваат на различни уметнички начини. После 5 години функционирање на „Култура Бета“, покажуваме дека содејствувањето на креативните умови од алтернативната културна сцена, преку оваа платформа, ја исполнува нивната потреба за пишување, говорење, читање, цртање, сликање, глумење, пеење, свирење и секој друг неспоменат вид на уметничко творење.”
Низ годините, се организираа куп поетски читања, свирки на нови бендови, изложби и промоции. Огромен број на настани и учесници со една цел: овде и сега да почне да се случува нешто. Се надевам и посакувам со ист жар да одите и понатаму низ годините, а јас да пишувам за вашиот ентузијазам и придонес на сцената уште многу години. Докажувате дека нашата проактивност како млади може да нè движи секогаш кога сакаме и дека тоа ни е потребно за домот кој го замислуваме тука.