Музиката како лек: украинските ветерани ја пронаоѓаат надежта зад диџеј пултот

Програмата EnterDJ во центарот „Superhumans“ во Лавов им помага на воените ветерани од Украина да се рехабилитираат преку музиката и уметноста на диџејството.
Украински воен ветеран пушта музика зад диџеј пулт во центарот Superhumans во Лавов
Photograph: Yury Stefanyak

Во земја каде што звукот на сирените, дроновите и експлозиите е дел од секојдневието, музиката во Украина добива ново значење. Додека клубовите во Киев и Лавов преку ден стануваат засолништа, а навечер сцени за солидарност, во западниот дел на земјата — во центарот „Superhumans“ — музиката служи како терапија за воените ветерани.

Таму, во рамки на програмата EnterDJ, повредените војници учат да мешаат музика, користејќи ја диџеј културата како средство за рехабилитација, мотивација и поврзување со животот по фронтот.

Програмата е создадена во соработка меѓу центарот и музичката фондација Victory Beats, а ја поддржува Хауард Бафет, син на милијардерот Ворен Бафет. Основачот на фондацијата, Володимир Негодода, ја опишува првата средба со еден млад војник со оштетен мозок и ограничена подвижност на раката: „Сесијата со ниски фреквенции му предизвикуваше болка. Но кога го зеде диџеј пултот, почна повторно да ја движи раката. Таа сцена не ја заборавам.“

Од тој момент, музиката стана дел од терапијата. Некои ветерани, како Олександр Иванко, започнале со едноставни звучни експерименти, за потоа да настапуваат со Лавовската филхармонија, комбинирајќи класична музика и електронски амбиентални ефекти. Иванко, кој изгубил нога во напад, сведочи: „Музиката ми помогна да го прифатам телото по повредата. Денес знам да ги слушам звуците подлабоко, да ги мешам и создадам мир.“

Друг ветеран, Роман Черкас, кој служел во Третата тенковска бригада, го пронашол својот ритам во drum’n’bass. По неколку месеци рехабилитација и протези, тој почнал да миксува по шест часа дневно. „Кога не пуштам музика два дена, доаѓаат болките, мрачните мисли. За мене, музиката е лек,“ вели тој. Денес, настапува на сцени во Лавов и работи со Hospital Records, еден од водечките drum’n’bass издавачи.

Олга Рудњева, извршна директорка на „Superhumans“, нагласува дека програмата има јасни резултати: намалување на фантомските болки, подобрена социјализација и повисока самодоверба кај пациентите.

EnterDJ денес не е само за ветерани. Во него учествуваат и деца и цивили низ цела Украина, кои преку музиката наоѓаат простор за емоционално изразување. Еден од креаторите на програмата, Јевген Скрипник, вели дека целта е поширока: „Техното и звукот го обединуваат народот. Ние се бориме не само за територија, туку и за култура.“

Музиката во Украина стана форма на отпор, израз и исцелување. „Со зборови тешко е да се допре светот,“ додава кураторот Андреас Беш, „но со музика, можеш да го натераш да почувствува.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни