Елвис Шакири: Ова не е правда, ова е казнување на сиромаштијата и Ромите

По денешните протести на Ромите против сообраќајните казни, Елвис Шакири реагира дека мерките се репресивни и не го решаваат системскиот проблем.

Активистот Елвис Шакири со објава на социјалните мрежи се огласи по повод денешните протести на припадници на ромската заедница, кои реагираат на заострените сообраќајни казни и најавените мерки за одземање возила за возење без возачка дозвола.

Шакири во својата објава нагласува дека возењето без возачка дозвола е прекршок и дека треба да биде санкционирано, но предупредува дека актуелниот пристап на институциите не го решава суштинскиот проблем, туку ги казнува неговите последици.

„Протестот намерно се фрејмува како барање да се вози без возачка, а вистинската порака е поинаква – овие луѓе бараат пристап до образование, вклучително и образование за возрасни, за да можат да живеат достоинствено, а не живот исполнет со казни и репресија“, наведува Шакири.

Тој потсетува дека основното образование е уставно загарантирано право и дека државата со децении не успева да го реши проблемот, а денес ја казнува неговата последица. Според него, особено спорна е мерката за конфискација на возила, која ја оценува како драстична и потенцијално неуставна.

Во објавата, Шакири критикува и дел од политичките изјави за „жесток одговор“, оценувајќи дека станува збор за социјален, а не безбедносен проблем. Тој предупредува дека репресијата, наместо решение, може да создаде нови социјални случаи и да го продлабочи кругот на сиромаштија и конфликт со законот, особено кај семејствата со деца.

„Кога луѓе излегуваат на улица, тоа не е бунт, туку сигнал дека нешто во системот не функционира“, порачува Шакири, додавајќи дека медиумите имаат одговорност да го насочат фокусот кон системските пропусти, а не кон стигматизација на заедницата.

Тој ја завршува објавата со порака дека проблемот не е само во сообраќајните прекршоци, туку во пристапот до образование, пазарот на труд и можноста за достоинствен живот.

„Ова не е правда. Ова е казнување на сиромаштијата“, пишува Шакири.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни