Нов Ел Нињо на хоризонтот: дали 2026 ќе стане најтоплата година досега?

Климатските експерти предупредуваат дека нов Ел Нињо може да се појави во втората половина од годината и дополнително да ги засили топлотните бранови и екстремното време

Постои реална можност климатскиот феномен Ел Нињо повторно да се појави во текот на оваа година, што може да доведе до нови рекордни температури и поекстремни временски услови ширум светот, пренесува Euronews.

Според американската Национална администрација за океани и атмосфера (NOAA), шансите за развој на Ел Нињо во периодот јули – септември се меѓу 50 и 60 проценти. Пред тоа, се очекува постепен премин од сегашната Ла Ниња фаза кон таканаречена ENSO-неутрална состојба.

Сепак, научниците предупредуваат дека прогнозите во оваа фаза од годината имаат значителна неизвесност, бидејќи климатските модели на подолг рок често се менуваат.

Што се Ел Нињо и Ла Ниња

Ел Нињо и Ла Ниња се спротивни климатски фази во Тихиот Океан кои имаат силно влијание врз времето на глобално ниво.

Во нормални услови, ветровите во тропскиот Пацифик ги туркаат топлите површински води кон западниот дел на океанот. Кога тие ветрови ослабуваат или се менуваат, водата во источниот Пацифик станува потопла од вообичаено, што го создава феноменот Ел Нињо.

Во периодите на Ла Ниња, пак, ветровите се засилуваат, што доведува до појавување на постудени океански води на површината, особено долж американските брегови.

Овие циклуси се појавуваат на секои две до седум години и обично траат околу една година.

Како Ел Нињо влијае врз времето

Ел Нињо може значително да ги промени временските обрасци ширум планетата.

Според климатологот Киран Хант од Националниот центар за атмосферска наука во Велика Британија, оваа појава често доведува до помалку врнежи во тропските региони, што може да предизвика суши во делови од Азија, Африка и Јужна Америка.

Од друга страна, некои региони како јужниот дел на САД, Перу, Аргентина, јужна Европа и делови од Африка можат да се соочат со пообилни врнежи и поплави.

Ел Нињо исто така е поврзан со посилни топлотни бранови, поради што годините со овој феномен често се меѓу најтоплите во историјата на мерењата.

Планетата веќе е загреана

Климатските научници предупредуваат дека ефектот на Ел Нињо денес се случува врз веќе загреана планета.

Глобалната температура на Земјата е зголемена за околу 1,3 до 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустрискиот период, главно поради емисиите на стакленички гасови.

Во такви услови, дури и умерен Ел Нињо може да придонесе за краткорочно зголемување на глобалната температура за дополнителни 0,1 до 0,2 степени.

Некои научници предупредуваат дека ако Ел Нињо се развие, може да биде поставен нов глобален температурен рекорд.

„Нормалното време одамна го оставивме зад себе. Со толку многу топлина во климатскиот систем, треба да се подготвиме за екстремни временски настани“, предупредува климатологот Џенифер Френсис од Woodwell Climate Research Center.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни