Екстремни горештини во Австралија: температури до 49 степени и зголемен ризик од пожари

Силен топлотен бран ја зафати југоисточна Австралија, предизвикувајќи евакуации, вонредни мерки и сериозна опасност од шумски пожари.

Југоисточниот дел на Австралија е зафатен од интензивен топлотен бран кој значително го зголеми ризикот од шумски пожари, поради што на стотици жители во руралните подрачја им е наредена итна евакуација, јавуваат светските агенции.

Во Мелбурн денеска се очекува најтоплиот ден во последните речиси 17 години, со прогнозиран максимум до 49 степени Целзиусови. Според Австралискиот метеоролошки завод, врвот на екстремните температури се очекува во вторник и среда, по што кон крајот на неделата се најавува постепено намалување на жештините.

Топлотниот бран ја подигна опасноста од пожари низ Викторија, втората најнаселена сојузна држава во земјата. Во регионот Отвејс, еден од активните шумски пожари веќе зафатил површина од околу 10.000 хектари. Надлежните служби предупредуваат дека силните ветрови, кои се очекуваат во текот на денот, би можеле дополнително да го прошират огнот и да загрозат населени места.

Поради влошените услови, противпожарните служби извршиле теренски обиколки на повеќе од 1.000 домови и испратиле предупредувачки пораки до илјадници жители, повикувајќи ги да ги напуштат загрозените области. Истовремено, на целата територија на Викторија е воведена целосна забрана за палење оган на отворено, со цел да се спречи појава на нови пожари.

Екстремните температури имаат влијание и врз спортските и јавните настани. Организаторите на Australian Open во Мелбурн соопштија дека натпреварите на отворените терени, како и користењето на подвижните кровови, ќе се одвиваат според посебни протоколи за заштита на спортистите и публиката, додека дел од натпреварите се одложени.

Во внатрешноста на земјата, температурите се очекува да се доближат до 50 степени. Во помали градови во северозападниот дел од Викторија, каде што живеат околу илјада жители, метеоролозите најавуваат температури до 49 степени Целзиусови, поради што локалните власти апелираат граѓаните да останат во затворени и разладени простории.

Надлежните служби предупредуваат дека комбинацијата од екстремна жештина, сув воздух и силен ветер претставува сериозна закана во наредните денови, додека климатските експерти сè почесто укажуваат дека ваквите топлотни бранови стануваат подолги и поинтензивни како последица на климатските промени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни