Експлозив до гасовод пред избори: Саботажа или политичка игра меѓу Србија и Унгарија?

Откриени експлозиви во близина на гасоводот Србија–Унгарија пред изборите отворија сомнежи за саботажа и политички манипулации, додека истрагата сè уште трае.

Откривањето на експлозив во близина на клучниот гасовод меѓу Србија и Унгарија ја крена безбедносната тревога во регионот, но и отвори серија политички прашања ,особено поради тајмингот, само неколку дена пред парламентарните избори во Унгарија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека армиски и полициски единици пронашле два ранци со „големи пакети експлозив и детонатори“ во општина Кањижа, на неколку стотини метри од гасоводот „Балкански тек“. Станува збор за дел од мрежата што пренесува руски гас кон Србија и Унгарија, инфраструктура од стратешко значење за целиот регион.

Вучиќ го оцени пронајдениот експлозив како „исклучително разорен“ и веднаш го информирал унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во Будимпешта, реакцијата беше брза – свикан е итен состанок на Советот за одбрана, а случајот е третиран како потенцијална закана за енергетската безбедност.

Но, приказната доби нова димензија кога се вмеша политиката.

Лидерот на унгарската опозиција, Петер Маѓар, отворено го доведе во прашање целиот настан, алудирајќи на можност за „лажно знаме“ односно намерно инсцениран инцидент со цел создавање страв и политичка корист пред изборите. Тој тврди дека постоеле предупредувања за вакво сценарио уште пред неколку недели.

Маѓар го повика Орбан на транспарентност и предупреди дека евентуално користење на инцидентот во кампањата би било сериозен удар врз демократијата. Во исто време, вети дека доколку дојде на власт, ќе покрене целосна истрага за случајот.

Случајот доаѓа во чувствителен момент кога Унгарија се подготвува за избори, а владејачката партија заостанува според анкетите. Во таков контекст, секој безбедносен инцидент може да има сериозно политичко влијание. Дополнително, гасоводот „Балкански тек“ е дел од поширока енергетска мрежа поврзана со Русија, што го прави уште почувствителен во услови на геополитички тензии. Последните напади врз енергетска инфраструктура во регионот и пошироко само ја зголемуваат загриженоста.

Засега, нема официјални осомничени ниту потврдена причина за поставувањето на експлозивот. Истрагата е во тек, а сценаријата, од вистинска саботажа до политички маневар остануваат отворени.

Едно е сигурно: кога експлозив се појавува покрај гасовод, а избори се на неколку дена, приказната никогаш не е само безбедносна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни