Силни експлозии ноќеска го потресоа Лавов, град во западна Украина, при што загина една полицајка, а најмалку 15 лица се повредени. Според локалните власти, станува збор за терористички напад.
Градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј, соопшти дека 15 лица се хоспитализирани и дека инцидентот се третира како тероризам. Експлозиите одекнале во близина на историското јадро на градот, а од силата на детонациите биле искршени прозорци на околните згради.
Интересно е што пред експлозиите не била активирана воздушна тревога.
Полицајци настрадале при интервенција.
Од Националната полиција на Украина информираа дека експлозиите се случиле откако службеници пристигнале на лице место по пријава. Според обвинителството на Лавовската област, полицијата реагирала на дојава за провала во продавница кога се случила првата експлозија. Втората детонација следела кога на местото пристигнала уште една полициска екипа.
Според првичните информации, загинатата е 23-годишна полицајка. Оштетени се полициско патролно возило и едно цивилно возило.
Властите сè уште ја проценуваат ситуацијата и засега не соопштуваат кој би можел да стои зад нападот.