Додека Израел и САД продолжуваат со бомбардирање на цели во Иран, Техеран возвраќа со ракетни и дронски напади и повторно се заканува дека Ормускиот теснец може да остане затворен.
Во израелски напад врз градот Арак во западен Иран загинаа жена и дете, додека повеќе од 30 лица се повредени во напад во северниот израелски град Зарзир.
Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека еден француски војник загинал, а неколку други се повредени во напад во Ербил, Ирак.
Иранската Револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека лансирала голем број ракети кон израелски и американски сили, додека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати пријавија нови воздушни напади во текот на ноќта.
Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека четири од шест членови на екипажот загинале по падот на американски авион за воздушно полнење гориво KC-135 во западен Ирак.
Потрагата по преостанатите двајца членови на екипажот сè уште трае.
Според првичните информации околностите на инцидентот се под истрага, а падот не бил предизвикан од непријателска ниту од пријателска ватра.
Друг авион од истиот тип, KC-135 Stratotanker, бил оштетен, но успеал безбедно да слета.
Американски извори за CBS News наведуваат дека најверојатно станува збор за судир на два авиона KC-135 во воздух
Експлозии во Техеран за време на масовни демонстрации
Иранските државни медиуми јавуваат дека силни експлозии се слушнале во центарот на Техеран.
Во исто време илјадници луѓе маршираат на улиците по повод Денот на Ал Кудс, годишен настан што се одбележува последниот петок од месецот Рамазан во знак на поддршка за Палестинците.
Неколку експлозии, според извештаите, се случиле во близина на местото каде што се одржуваат демонстрациите.
Американскиот претседател Доналд Трамп им изјавил на лидерите на Г7 на онлајн состанок дека Иран е „на чекор од предавање“, објави порталот Axios, повикувајќи се на три извори запознаени со разговорот
Напнатост и на море: инцидент со ирански брод
Американските сили претходно оваа недела отвориле оган врз ирански брод кој се приближил премногу до носачот на авиони „Абрахам Линколн“, јавува CBS News.
Според изворите американски брод испукал гранати од топ Mark-45, од хеликоптер биле лансирани две ракети „Hellfire“, иранскиот брод бил погоден, но не е познато во каква состојба се бродот и екипажот.
Инцидентот доаѓа по претходни тензии, меѓу кои и агресивно приближување на ирански дрон „Шахед-139“ до американски носач на авиони.
Според американската команда, од почетокот на конфликтот оштетени или уништени се повеќе од 90 ирански бродови.
Кина испраќа хуманитарна помош за Иран
Кинеското друштво на Црвениот крст најави 200.000 долари хуманитарна помош за Иран, наменети за родителите на ученици загинати во конфликтот.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека Пекинг ги осудува сите неселективни напади врз цивили и е подготвен да обезбеди дополнителна помош.