Search
Останувајќи со нелагодноста

Ексклузивно! Објавена програмата на Викендот на гордоста 2024

Дванаесеттото издание на Викендот на гордоста – Скопје, ќе се одржи од 5 до 16 јуни на четири локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, Станица 26, МКЦ и Театар Комедија.

Фестивалската програма започнува на 5 јуни во 19:00 часот во МСУ, со предавање на Сара Ахмед, на тема „Смарањето (Killing Joy) како квир проект“. Таа е независна феминистичка истражувачка и теоретичарка која работи на пресекот меѓу феминизмот, квир студиите и студиите за изучување на расите и е позната по испитувањето на моќта во секојдневниот живот и институционалните култури. 

Вечерта завршува со концертна промоција на новиот албум СВЕТЛОСТ, насловен Everything Was As It Had Been a Minute Agoкоја ќе започне во 21:00 часот на платото на МСУ, а се реализира во соработка со дискографската куќа PMGJazz.  

На 8 јуни во Станица 26, со почеток од 21:00 часот, ќе се одржи концерт на MYKKI BLANCO, меѓународно етаблиран музичар, перформанс уметник и ЛГБТК+ активист. Бланко е познат уште од раните изданија и деби албумот Mykki (2016), составен од креативната моќ на пионерските мешани касети Cosmic Angel (2012) и Gay Dog Food (2013), со кои ги има поплочено патот за успехот на многумина други нехетеронормативни и родово неконформирачки уметници. Вечерта ќе ја отвориме со настап во живо на балканскиот RnB крал DZIPSII, познат по неговата автентична музика со која секогаш остава јасен личен печат.  По концертот ќе следува диџеј сет со домашната перформанс артистка и истражувачка, Ивана Драгшиќ, одгледана во подемот на скопските подиуми од доцните 90-ти прво како обожавателка, потоа како радиоводителка, па диџејка. 

На 10 јуни, со почеток од 20:00 часот, во Денсинг салата во МКЦ ќе се одржи соло танцовиот перформанс BATTY BWOY, во изведба на норвешко-јамајскиот изведувач и кореограф Harald Beharie, кој ни доаѓа од Осло, Норвешка. Batty Bwoy е солистички настап, што започнува не со прашање или со критика, туку со игра и желба, испреплетени со насилство и фина суровост. Преку реапропријација на поимот „Batty Bwoy“ од јамајскиот јазик, кој во буквален превод на англиски јазик значи butt boy (педер), користен како сленг за квир личност, делото ги искривува и испревртува митовите за црнечкото квир тело, откривајќи ранливи можности во една заемна интеракција на свесност и наивност.   

На 15 јуни во 21:00 часот, во Денсинг салата на МКЦ ќе се одржу танцовиот дует LOUNGE во изведба на Marga Alfeirão, Mariana Benenge, Myriam Lucas и Shaka Lion, во чија основа се наоѓа двојната природа на одморањето, чекањето, движењето и придвижувањето. LOUNGE претставува дует за две тела кои се идентификуваат како женски и заедно се движат низ состојби на активност и пасивно одморање, до уживање во траењето на повторувачките движења.

На 16 јуни, со почеток во 20:00 часот, во Театар Комедија, традиционално го затвораме Викендот на гордоста – Скопје 2024 со вечерта на раскажување квир приказни, СРАМОТА!, модерирана од Румена Бужаровска и Ана Василева од ПичПрич. 

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Се реализира во партнерство со Медуза, ТрансФормА, Локомотива и Тииит! Инк., а благодарение на несебичната поддршка на Американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Heinrich Böll Stiftung, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондација Отворено Општество Македонија, Friedrich Ebert Stiftung, Француската амбасада во Скопје, International Trans Fund и Transgender Europe.

Најново

Последни колумни