Ексклузивно, Алекс Калиер од Hooverphonic за Трн: Музиката е моја терапија

По шест години, белгискиот бенд Hooverphonic повторно го маѓепса Скопје со спектакуларен концерт кој уште долго ќе се прераскажува. Последен пат ги гледавме во 2019, а сега, на сцената беа уште позрели, помоќни и поинспирирани. Ексклузивно за Трн.мк, основачот, композиторот и креативниот ум зад бендот, Алекс Калиер, зборува за новиот албум што го создава додека е на турнеја, за враќањето кон емотивниот, оркестрален трип-хоп звук, за соработки со хип-хоп артисти и за желбата за соработка со македонски музичари. „Работата на пат е посебна состојба на умот. Сè друго исчезнува – и само музиката останува“, вели тој.

Трн: Работиш нов албум – во кој правец оди Hooverphonic сега? Повторна промена или продлабочување на постојниот звук?

Алекс: Да бидам искрен, постојано работам. Дури и денеска, во оваа зграда, имам посебна просторија каде што работам на новите песни. Веќе работам на, мислам, 11-тата трака од новиот албум. Повторно одиме кон електронскиот звук, со малку повеќе трип-хоп атмосфера – така што се враќаме кон нашите корени. Сакав да се вратам таму. Сме поминале низ разни жанрови, но сега сум во фаза на побавно, меланхолично темпо, со оркестрации – како некоја утешна музичка храна за нашите најлојални фанови.

Трн: ’Hidden Stories’ звучеше како враќање на кинематографските емоции по кои ве паметиме. Работиш ли сега нешто ново и какво е расположението?

Алекс: Постојано работам, како што кажав – и кога сум на турнеја. Најмногу инспирација добивам кога сум на пат. Среќаваш луѓе, гледаш нови нешта. Понекогаш си во автобус и тој се тресе по нерамен пат, па ќе напишеш песна за нестабилна врска, метафорично кажано. Овој живот на пат е како балон – те носат од точка А до Б, настапуваш, се бањаш, се сретнуваш со фанови и пак одиш. Нема мајка да те бара, нема пазарење – само фокус и креација.

Трн: Размислуваш ли за некоја неочекувана соработка – хип-хоп продуцент или балкански брас-бенд?

Алекс: Веќе работиме со еден француски хип-хоп артист, но морам да признаам – идејата за балкански брас звучи одлично! Отсекогаш сум сакал да соработувам со различни луѓе – тоа ме инспирира. Иако некои од нашите најголеми хитови ги напишав сам, кога пишуваш музика 30 години, ти се формира некој шаблон. Затоа ти требаат нови влијанија. Ако имате предлог за кул македонски артисти – отворен сум!

Трн: Дали AI (вештачката интелигенција) има некаква улога во твојот креативен процес?

Алекс:  Да, не се плашам од AI, напротив – веќе го користам во студиото. Понекогаш користам ChatGPT за да добијам некоја почетна идеја за текст, а потоа ја преработувам. Тоа е само искра. Сметам дека уметникот треба да биде прогресивен и отворен. Сакавме дури и имерзивна турнеја во Белгија, но беше прескапа. Ќе видиме – засега се фокусираме на 25-годишнината од албумот ‘The Magnificent Tree’ и свириме и со оркестар, и електрично, и акустично. Сакаме да се движиме, да не повторуваме.

Трн: Колку луѓе сте моментално на турнејата?

Алекс: На турнејата имаме 10 музичари, плус 4 членови на екипата, плус 2 возачи – вкупно 16. Денешните бендови често инвестираат во визуелни ефекти и намалуваат на луѓе, но ние сакаме луѓе – затоа што луѓето носат емоција.

Трн: Што ти е поважна инвестиција – луѓето или музиката?

Алекс:  Музиката е таа што ми носи пари, но никогаш не сум ја правел за пари. Тоа е мојата терапија. За време на ковидот престанав да пишувам и станав малку депресивен. Отидов на психолог и тој ми рече – ’Можеби треба да продолжиш да пишуваш.’ И бев подобро. Јас едноставно морам да творам – пишувам од десет години.

Трн: По 30 години кариера – како остануваш инспириран?

Алекс:  Комбинирам – од една страна го усовршуваме ’Hooverphonic’ звукот, но и постојано бараме нови перспективи. Затоа го работиме албумот со соработки – за нова енергија. Сакаме музика која е веднаш препознатлива како наша, но со нешто неочекувано. Сега повторно користам и семплови – тоа е исто како соработка, само со некој што не го познаваш.

Трн: Ако можеш да ’замрзнеш’ еден момент од кариерата – кој би бил тој?

Алекс: Многу тешко прашање… има многу посебни моменти. Но, не сакам да замрзнувам ништо. Сакам да се движам напред. Кога имав 25, сакав да бидам светски славен како Крис Мартин. Сега имам 52 и среќен сум што не сум. Концертот во Скопје е распродаден целиот, турнејата оди супер, но можам да излезам на улица и никој да не ме тормози. И тоа е идеалната рамнотежа за мене – да создаваш, да патуваш, да настапуваш и сè уште да живееш нормално.

Фото: Стефан Рајхл

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни