Економското чудо на Европа: Полска е на пат да ја престигне Јапонија

Полска не само што ја достигна Јапонија, туку стана и пример за останатите земји од Источна Европа дека со храбри реформи, европски фондови и стратешка поддршка – трансформацијата е можно и остварливо економско чудо

Според најновите податоци на Светската банка, Полска ја достигна Јапонија по БДП по жител прилагоден според куповната моќ – 49.464 американски долари за Полска наспроти 50.206 долари за Јапонија. За споредба, Обединетото Кралство има 58.906 долари.

Ова е уште еден доказ за импресивната економска трансформација на Полска во последниве две децении. Пред само дваесет години, Полска имаше само 48% од просечниот БДП на ЕУ по жител. Денес таа бројка изнесува 82% и се изедначи со Португалија. Економијата на Полска се удвои во последните 20 години, растејќи побрзо од сите нејзини соседи во Централна Европа и двојно побрзо од просекот на ОЕЦД. Просечниот раст на полскиот БДП од 1996 до 2024 година изнесувал 3.88%, а невработеноста од над 20% паднала на само 2.6%, што е значително под просекот на ЕУ и еврозоната. Во 2025 година се очекува раст од 3.4%, поттикнат од европски фондови и домашни инвестиции.

Овој успех започна со падот на комунизмот и преминот кон пазарна економија. Под водство на движењето Солидарност и Лех Валенса, Полска воведе радикални реформи уште од 1989 година – т.н. „шок терапија“ или „Балцеровичев план“. Државните компании кои беа неефикасни беа оставени да банкротираат, се прекина финансирањето на дефицитот преку печатење пари, а странските инвестиции беа слободно дозволени. Националната валута стана конвертибилна, платите беа ограничени според инфлацијата, а каматите беа врзани за инфлаторните очекувања. Иако првите две години донесоа економска криза, до 1992 година почна закрепнувањето, а до 1995 година Полска се врати на нивоата пред реформите.

Од влезот во Европската Унија во 2004 година, Полска повлече повеќе од 170 милијарди евра од европските фондови – сума што изнесува повеќе од 2% од годишниот БДП. Овие средства беа инвестирани во инфраструктура, образование, бизнис и јавни услуги. Позитивната деловна клима, поевтината работна сила и политичката стабилност привлекоа големи странски инвестиции. Во 2021 година, странските директни инвестиции достигнаа рекордни 24.8 милијарди долари.

Полска исто така ја задржа индустриската база, која опаѓа во многу други земји. Денес има поголем процент индустриски работници и од Кина. Економијата ѝ е диверзифицирана – извозот се темели на електроника, машини, метали, фармација, пластика, автомобили, бродови и друго, што ја прави отпорна на надворешни шокови.

Полска денес претставува важен економски и стратешки центар на ЕУ. Нејзината географска положба, бројно население, пристап до пазарот на ЕУ, стабилни јавни финансии и добро образувана работна сила ја прават особено привлечна за инвеститорите. Преку 36 милиони луѓе живеат во земјата, а јавниот долг е под 50% од БДП. Банкарскиот систем е стабилен, а земјата има потпишано 37 договори за трговија со земји како Иран, Чиле, Канада и други. Единствените посериозни проблеми се поврзани со бирократијата и ниската мобилност на работната сила.

Во споредба, Јапонија – која некогаш беше економско чудо – денес се соочува со стагнација. По децении раст, од 90-тите наваму земјата влезе во период на слаба економска активност, ниска инфлација и демографска криза. Речиси 30% од населението е над 65 години, работната сила се намалува, а економскиот раст е бавен. И покрај тоа што Јапонија останува технолошка сила, продуктивноста заостанува зад западните земји, а многу компании не се дигитализирани. Земјата води рестриктивна миграциска политика и тешко го надоместува недостатокот на работна сила. Јавниот долг ѝ е најголем меѓу развиените економии, што го ограничува потенцијалот за нови вложувања.

Во меѓувреме, Полска со поддршка од САД, ЕУ и сопствени реформи станува клучна земја за економската, енергетската и безбедносната политика на Европа. Близината до Украина и стабилните институции дополнително ја зголемуваат нејзината вредност. Земјата има една од најрамномерните распределби на доход во Европа – Гини коефициентот изнесува 30.5, што е подобро од Јапонија (32.1), Велика Британија (35.6) и далеку подобро од САД (41.4).

Држава која во 90-тите уште се бореше со постсоцијалистичка транзиција, денес економски е рамноправна со земјите-членки на Г7. Полска не само што ја достигна Јапонија, туку стана и пример за останатите земји од Источна Европа дека со храбри реформи, европски фондови и стратешка поддршка – трансформацијата е можно и остварливо економско чудо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни