ЕК ги казни „Мета“ и „Епл“ со милионски суми за непочитување на Законот за дигитални пазари

Европската комисија (ЕК) донесе одлука за санкционирање на технолошките гиганти „Мета“ и „Епл“, поради непочитување на обврските од Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА).

„Мета“ е казнета со 200 милиони евра затоа што не им понудила на корисниците услуга со комбинирање на помалку лични податоци, а „Епл“ ќе плати 500 милиони евра поради ограничувања кон креаторите на апликации на нејзината платформа „ЕпСтор“. Портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселена и истражување, Тома Рение, ја објави одлуката.

Комисијата утврдила дека „Мета“ не ја исполнила обврската според која платформите со статус на „чувари на портата“ мора да бараат изречна согласност од корисниците за комбинирање на нивните лични податоци меѓу различни услуги. Според ДМА, корисниците кои не се согласуваат мора да добијат пристап до помалку персонализирана, но еквивалентна услуга. Наместо тоа, компанијата во ноември 2023 воведе модел „согласи се или плати“, каде корисниците од ЕУ или мораат да дозволат користење на податоци за рекламирање, или да плаќаат претплата за услуга без реклами.

ЕК оцени дека овој модел не обезбедува реален избор, односно „не им го дава потребниот специфичен избор да се одлучат за услуга што користи помалку нивни лични податоци, а е еквивалентна на услугата со персонализирани реклами“. Во ноември лани, по забелешката од Комисијата, „Мета“ предложи нов модел кој, според тврдењата на компанијата, користи помалку податоци – но оваа нова верзија сè уште се анализира од страна на ЕК. Казната што беше изречена се однесува за периодот до ноември 2024 година. Истовремено, ЕК го укина статусот „чувар на портата“ за „Мета Маркетплејс“, поради тоа што платформата имала под 10.000 деловни корисници во ЕУ.

Во случајот на „Епл“, ЕК утврди дека компанијата не дозволувала креаторите на апликации бесплатно да ги информираат своите клиенти за алтернативни понуди надвор од „ЕпСтор“, што е спротивно на ДМА. Комисијата ѝ нареди на „Епл“ да ги отстрани сите технички и комерцијални ограничувања и да се воздржи од слично однесување во иднина. Од друга страна, ЕК ја затвори истрагата за тоа дали корисниците можат да ги деинсталираат апликациите и да ги менуваат стандардните поставки на иОС – откако „Епл“ ја овозможи таа функционалност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни