Новиот европски систем за влез и излез, EES, кој денеска целосно стапи во сила на надворешните шенгенски граници, предизвика долги колони и повеќечасовни чекања на влез во Хрватска од Србија и Босна и Херцеговина. На некои премини задржувањата траат со часови, бидејќи наместо печат во пасош, патниците од земји надвор од ЕУ сега првпат минуваат низ биометриска регистрација со фотографирање и земање отпечатоци.
Гужвите од утрово се бележат на повеќе гранични премини меѓу Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Особено е оптоварен преминот Бајаково, каде според регионалните извештаи чекањата за влез во Хрватска достигнуваат и неколку часа, додека засилен сообраќај е пријавен и на премините со БиХ. Метежот дополнително се засилува и поради продолжениот празничен викенд и зголемениот број патници.
EES, односно Entry/Exit System, е автоматизиран европски систем што ги заменува класичните печати во пасош со дигитална евиденција за влез, излез и одбивање на влез за државјани на земји надвор од ЕУ кои патуваат на краток престој. Во системот се внесуваат лични податоци од патната исправа, фотографија на лицето и отпечатоци од прсти, а целта е подобра контрола на престојот и полесно откривање на надминување на дозволениот рок за престој.
Најголем предизвик е првиот премин на граница по воведувањето на системот. Тогаш патниците што досега не биле внесени во EES мораат да поминат низ целосна дигитална регистрација, што ја продолжува обработката и создава дополнителен притисок врз граничните служби. Европските институции и туристичките организации веќе предупредуваа дека во првите денови од полната примена може да има подолги чекања, особено на најфреквентните премини.