EES продолжува да ги кочи хрватските граници

Целосната примена на EES на границите на ЕУ продолжува да создава притисок на влезот во Хрватска, каде патниците чекаат со часови.

Големите гужви на влез во Хрватска продолжуваат, откако системот Entry/Exit, односно EES, почна целосно да се применува на границите на Европската Унија. Најголем притисок е регистриран на премините со Србија и Босна и Херцеговина, каде патниците се соочуваат со долги чекања уште од првиот ден на полната примена на новите правила.

Како што пренесува Indeh.hr, според началникот на Управата за граница Зоран Ничено, новиот систем значително го подига нивото на безбедност затоа што, покрај проверката на патните исправи, собира и биометриски податоци за секој патник. Тоа, како што објаснил, треба да спречи користење туѓи документи и да овозможи побрза споредба со национални и европски бази на податоци.

Но токму оваа дополнителна контрола во моментов создава и нов притисок на премините. Ничено вели дека контролата трае околу една минута, односно околу 70 секунди по лице, зависно од тоа колку патникот се снаоѓа со уредите. Најголем предизвик, според него, се патните премини, каде луѓето мора да излезат од возилото за да се скенираат. Полицијата најавува дека за време на викендите и туристичката сезона ќе користи и мобилни уреди за да се намали метежот.

И покрај тоа, сликата на терен покажува дека задржувањата се сериозни.

Од почетокот на примената на системот, според податоците што ги изнесе Ничено, биле направени милиони проверки на патници, отворени повеќе од еден милион досиеја и извршени над три милиони верификации. Само вчера биле одбиени 3.261 влезови, а главната причина било таканареченото „overstay“, односно престој подолг од дозволениот во Европската Унија.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ оцени дека со целосната примена на EES почнува нова ера на дигитализација на границите во ЕУ. Тој нагласи дека системот веќе со месеци се применува во Хрватска без поголеми проблеми и дека земјата е меѓу оние што навреме ги исполниле условите за негово спроведување.

Системот Entry/Exit е еден од клучните механизми на Европската Унија за модернизирање на граничната контрола за државјани на трети земји кои влегуваат во шенген-зоната за краток престој. Неговото постепено воведување почна на 12 октомври 2025 година, а од 10 април 2026 се применува во полн обем во сите земји членки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни