Новиот европски систем за влез и излез, познат како EES, од денеска целосно стапи во сила на надворешните граници на Шенген-зоната, а уште првиот ден донесе долги редици, пропуштени летови и хаос на дел од аеродромите и граничните премини. Според светските медиуми, патници на некои точки чекале и по седум часа на пасошка контрола, додека причината за метежот е новата обврска за биометриска регистрација на патниците од земји надвор од ЕУ.
EES, односно Entry/Exit System, го заменува класичното удирање печати во пасош со дигитална евиденција на влезови и излези. За патници што не се државјани на ЕУ и доаѓаат на краток престој, системот собира лични податоци, фотографија на лицето и отпечатоци од прсти. Европската комисија објави дека системот почнал постепено да се воведува уште во октомври 2025 година, но од 10 април 2026 станува целосно оперативен.
Токму таа прва регистрација е причината поради која контролите сега траат значително подолго. Наместо кратка проверка и печат, голем дел од патниците мораат да поминат низ дополнителна идентификација, што веднаш создаде притисок врз аеродромите, железничките терминали и дел од копнените премини. Европските и британските медиуми деновиве предупредуваа дека новиот систем може да предизвика сериозни доцнења, особено во пресрет на велигденските и летните патувања.
Проблемите не се исти насекаде. Додека некои земји и аеродроми отворија посебни линии и зони за регистрација, на други места дел од инфраструктурата сè уште не е целосно подготвена. Гардијан објави дека на дел од прекуграничните точки меѓу Британија и Франција биометриските проверки уште не се воведени во полн капацитет поради технички и логистички проблеми, иако формално новите правила веќе важат.
Иако EES на долг рок треба да овозможи подобра контрола на престојот, побрза размена на податоци и полесно откривање на прекршувања, првиот ефект за патниците е сосема поинаков: повеќе чекање, повеќе неизвесност и поголем ризик од пропуштени летови и врски. Во ек на туристичката сезона, тоа лесно може да прерасне од техничка промена во сериозен проблем за патувањето низ Европа.