Кога станува збор за говор и дела од омраза кон ЛГБТ заедницата, поточно кон една од нај маргинализираните групи – трансродовите луѓе, ретко кога медиумите посветуваат доволно внимание.
Од друга страна, ако настанот има потенцијал да биде сензационализиран, медиумите, особено таблоидите, не ја пропуштаат шансата преку сензационалистичка објава да добијат што повеќе кликови, притоа не водејќи смека за последиците. Сензационалистичките објави многу лесно и брзо се шират и секогаш поттикнуваат ширење омраза кон жртвите.
На 6 jули, излезе веста за 18 годишната трансродова девојка, Ноа Миливојев, која се водеше како исчезната 20 дена од датумот на пријавувањето на 17-ти јуни, денот кога требала да се сретне со нејзиното момче . Како и секој човек со здрав разум и емпатија, во вакви случаи се молите и надевате личноста да се пронајде жива и здрава, за жал ова не беше крајниот исход. Ноа беше пронајдена мртва и искасапена до непрепозналтивост во станот на 33 годишниот маж кој го сторил ова грозоморно дело. Трансродовите жени дури и кога се жртви на најбрутално убиство, за нив нема емпатија. Начинот на кој ЛГБТИ+ заедницата во Србија и кај нас, дозна за ова е преку сензационалистички објави од таблоиди, но и од медиуми од кои очекувате професионално и со почит да ја споделат оваа трагична вест. За жал, скоро во сите објави беа споделени старото име на Ноа, фотографии од пред нејзината транзиција и слични инфмации кои само ја влошија ситуацијата. Можете да замислите какви коментари беа оставени на виделина, нецензурани под овие објави на Фејсбук и Инстаграм. Само мал дел од коментарите изразуваа сочувство кон семејството, поддршка, бараа правда за Ноа и го осудуваа сторителот – нешто што ретко се случува. Сепак, најголем дел од коментарите беа полни со омраза, исмевање, закани за насилство и смрт за трансродовите лица, емпатија за сторителот и славање на грозоморното убиство.
Како во Србија, така и нашите новинари и медиуми не се ослободени од ваквиот сензационализам. Последните неколку месеци забележавме пораст на дезинформации и говор на омраза кон трансродовите луѓе и нивните поддржувачи на социјалните мрежи, но и на одредени национални и локални телевизии.
Локалните телевизии најчесто ги следат луѓе од повозрасните генерации кои во голем дел имаат конзервативни и патријахални ставови, и според кои сé што е надвор од традиционалните вредности и норми е неприфатливо. Овие луѓе, исто така, немаат или немале шанса да се информираат и едуцираат на темата родов идентитет, пол и трансродовост, што ги прави совршена мета на анти-родовите групи и нивната трансфобична пропаганда. За жал, националните и локални телевизии наместо да превземат мерки за намалување на штетното влијание на анти-родовите групи, и да се фокусираат на едукација за овие теми, тие само долеваат масло на огнот, станувајќи дел од проблемот со ширење и поттикнување говор на омраза.
Така, по излaгањата на неколку јавни трибини организирани од анти-родови групи, каде се ширеа најразлични дезинформации и трансфобична реторика, епископот Јаков Стобиски доби големо медиумско внимание. Неколку локални телевизии му дадоа премногу простор и време, и му овозможија да продолжи со ширење дезинформации, дискриминирачка трансфобична реторика и говор на омраза кон трансродовите луѓе.
Лила Милиќ
Ситуацијата е иста и со социјалните мрежи каде говорот на омраза не се препознава, дури и по пријавување, коментарите и објавите остануваат нецензурирани.
Иако во Северна Македонија постои законска регулатива со која се казнува говорот на омраза, лидерите на верските заедници се однесуваат како да се над законот, веројатно уверени дека одговараат исклучиво пред Бога. За ова сведочи и примерот со отец Јаков, за кој Комисијата за спречување и заштита од дискриминација издаде претставка со која јасно се утврдува неговиот говор на омраза.
Во претставката јасно е наведено дека: „преку своите јавни настапи изминатиот период, меѓу кои гостувањето на емисијата Детектор на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица, Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето.Тој го искажал својот став кон трансродовите лица преку стереотипи, опишувајќи ги како лица кои страдаат од ментално растројство, нагласувајќи ја на тој начин стереотипната и штетна слика за нив и нивната позиција во општеството.“
Сепак, отец Јаков вознесен од сопствената ароганција и „световна висина“ цврсто е одлучен да ја игнорира ваквата претставка. Тој не само што нема никаква намера да се извини, туку упорно продолжува да глуми жртвено јагне и јавно да ги промовира сопствените дискриминирачки ставови, кои произлегуваат од очигледно незнаење, нетолеранција и омраза. Дали каноните не учат да мразиме и омаловажуваме? Одговорот на ова прашање треба да го даде епископот Јаков.
Какво влијание има сето ова врз здравјето и благосостојбата врз транс лицата сподели со нас Марко, кој иако позади псевдоним, изрази желба и храброст да илустрира барем мал дел од тоа како ова влијаеше врз него. “Сите овие проекции на филмот од Мет Волш и јавните трибини кои се промовираа и одржуваа во југоистокот, ме направија да се чувствувам исплашен, параноичен и анксиозен, со мисли каде си правев сценарија дека ќе ме дознаат дека сум транс и дека ми се бројат деновите, кога и да е. Таа параноја придонесе до затварање на самиот себеси во четири ѕида, буквално и метафорички, како да се вратив назад во плакарот.“ Тој понатаму додаде “Веќе неколку месеци не сум ни излегол да се социјализирам со моите пријатели, да седнам со нив на кафе или пак да излеземе да прошетаме до парк и назад дома. Сето ова со зголемениот страв и социјална анксиозност влијае многу негативно врз моето ментално и физичко здравје, дури се чувствувам како оттуѓен, како да не припаѓам во моето родно место. Не знам на кого да се наслонам, на кого да верувам, страв ми е да створам нови пријателства бидејќи не знам како некоја нова личност во мојот би изреагирала на фактот дека сум трансродов маж.”
Ова е продукт и една од целите на растечката трансфобична пропаганда која се шири од страна на антиродовите и конзервативните движења, сите свештени лица, верски лидери и религиозните луѓе кои не се ни трудат да се преиспитат на чија страна од историјата тие застанаа во 21 век. Целта е да трансродовите и небинарните луѓе и нивните поддржувачи и сојузници да го знаат своето место во општеството, да живеат што е можно помизерен и контролиран живот, да живеат во изолација што подалеку од очите на јавноста, да бидат кроти и да трпат повици за нивно јавно линчување, силување, малтретирање, булинг во училиштата, да не можат да најдат достојна работа за живот, да не имаат пристап до здравствени добра и услуги, да не можеме да си дозволат кров над глава итн. Ова можеби звучи банално и преовеличено, но не, тоа е вистината со која малиот број на трансродови и небирани луѓе во нашата земја се соочуваат скоро секој ден.
И покрај ова повторно се поставува прашањето – зошто ни се потребни паради?
Говорот на омраза и пропагандата на анти-родовите движења сее страв и се обидува да не замолчи и да не врати назад во плакарите каде тивко ќе патиме. Парадата на гордоста е место каде што можеме да се спротиставиме на ова, место каде сме видливи, место каде што се слават љубовта, еднаквоста и прифаќањето како највисоки човечки вредности. Но, Парадата на гордоста е и настан кој нѐ потсеќа на нашата црна историја која лесно може да стане и наша иднина. Во време на напаѓање на правата и достоинството на жените и ЛГБТИ+ луѓето, на засилен говор на омраза и пропаганда повеќе од било кога е важно да се обединиме и како заедница, и со нашите поддржувачи, и мирољубиво но, жестоко да се бориме против безумието, незнаењето и омразата.
Автор на текст: Лила Милиќ, основачка на Трансформа